Фото: Игор Бансколиев

Во избирачкиот список што Заводот за статистика го доставил до Државната изборна комисија се запишани 1.817.028 граѓани, близу 9.000 повеќе од бројката на избирачи на ланските претседателски избори, кога во избирачкиот список имаше 1.808.131 лице.

Граѓаните електронски можат да ги проверат своите податоци преку веб-страницата на ДИК, а јавниот увид, како што информира претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, ќе трае до 11 март на полноќ. Во овој период гласачите ќе можат да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење податоци во списокот. Деркоски појасни дека на списокот ќе се најдат сите лица што на денот на изборите наполниле 18 години.

Тој уште соопшти дека, почнувајќи од вечерта на 16 февруари, кога беа распишани изборите, досега над 710 македонски државјани се пријавиле за гласање во дијаспората.

Инаку, Деркоски нагласи дека гласање во дијаспората ќе се организира ако се достигне потребниот цензус за можен избор на најмалку еден пратеник надвор од земјава, кој годинава би изнесувал над 6.540 лица. Толку е најнискиот резултат со кој на претходните парламентарни избори, во 2016 година, е избран пратеник.