Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предвремената подготовка на компјутерскиот софтвер за издавање лични карти се чинеше како добра идеја, бидејќи администрацијата овој пат однапред ќе беше подготвена да им излезе во пресрет на граѓаните за овој неопходен идентификациски документ. Но, очигледно, и покрај добрата намера на надлежните да се покаже подготвеност и да нема застој во овој домен од обврските на администрацијата кон граѓаните, работите тргнаа, а и понатаму се движат, во спротивна насока. Непредвидливоста на ситуацијата со (не)издавањето на личните карти при неизгласан закон остава простор за прашања од видот што ќе се случува со подготвениот систем на МВР ако воопшто не се изгласа законот, кој е во собраниска процедура, или барем ако непредвидено се одложи неговото усвојување. Дали уште повеќе временски ќе се оддолжи (не)издавањето лични карти, кое и досега беше тотално неприфатливо и со стравотен домино-ефект за нормално одвивање на животот на граѓаните

Да се добие македонска лична карта како бинго за граѓаните

Ситуацијата со неможноста да се добијат нови лични документи, откако им е истечен рокот на важноста, веќе со месеци се провлекува во Македонија. Некогаш е поради недостиг од обрасци, другпат поради апдејтирање на системот за изработка на лични документи, а во актуелниов миг е поради избрзаната „предвремена“ подготовка на компјутерскиот софтвер. Имено, во државата не се издаваат нови лични карти, а засега нема ни информација кога ќе ги има. Причина за тоа е сѐ уште неизгласаниот закон за лични карти во законодавниот дом.
Во практика, тоа се одразува како (над)реалност, во која граѓаните што имаат потреба од вадење на овој документ за лична идентификација можат да се јават во МВР, каде што ќе добијат термин за фотографирање, но сепак останува крајна неизвесност кога ќе ја добијат новата лична карта, а не може ниту да се предвиди.
За обележување е постоењето на некаква варијанта како олеснителна околност за оние што ќе аплицираат за нова лична карта (односно ќе ја минат процедурата на фотографирање), да добиваат потврда од МВР, со која можат да си ги извршуваат тековните работи и обврски во институциите каде што е неопходен овој документ за идентификација: на пример, плаќање или какви било трансакции во банка, на нотар, адвокат, пријавување во Агенцијата за вработување, каде што, пак, не може да се врши идентификација со никаков друг личен документ.
Од МВР појаснуваат дека не смеат да ги издаваат новите лични карти сѐ додека во Собранието не се изгласа законот за лични карти, кој сега е блокиран со амандмани од опозицијата. Тие навреме го доставиле законот во Собранието, уште од март, но тој сѐ уште е блокиран. Со новиот закон е предвидено во личните карти да стои новото уставно име на земјава, но и личните карти да бидат двојазични. Така е приспособен и новиот софтвер на МВР, но тие не смее да се издаваат сѐ додека не се изгласа законот. Од МВР и самите нагласуваат дека своите лични карти веќе не можат да си ги подигнат над 30.000 граѓани.

Непредвидливоста на ситуацијата со неиздавањето на личните карти, и покрај (предвреме) подготвениот софтвер при неизгласан закон, остава простор за хипотетички прашања од видот што ќе се случува со подготвениот систем на МВР ако воопшто не се изгласа законот, кој е во собраниска процедура, или барем ако непредвидено се одложи неговото усвојување. Со оглед на состојбата дека пратениците се на одмор до крајот на месецов, а дваесетина дена по нивното враќање на работа Собранието би требало да престане со активности поради почетокот на изборната кампања за локалните избори, голема е можноста да се реализираат претпоставките.
– Редот на нештата е прво да се донесе закон, потоа подзаконски акти, па врз основа на нив да се пристапи кон операционализација за нивна примена. Во случајов, со подготовка на електронскиот систем за изработка на личните документи. Но кај нас, во Македонија, како да стана практика куќата да се гради од оџакот. Во случај да не биде усвоен предложениот закон, кој е во собраниска процедура, системот на МВР би требало да се врати, односно да се усогласи со актуелното законско решение за личните документи. Е сега, секоја лоша процена има своја цена, а за нас изгледа како да е судбина за една иста работа да плаќаме трипати. Односно, граѓаните најчесто ги плаќаат сите лоши политички, законски административни процени – вели професорот по управно право Борче Давитковски од Правниот факултет при УКИМ.
Во контекст на застојот со издавањето на личните карти, професорот Давитковски укажува и на парадоксалноста околу важноста на македонските патни исправи, во кои иако е наведено дека имаат рок на важност од десет години, сепак Владата укажува дека ќе треба да се заменат до 2024-та, поради усогласување со новото уставно име на државата. Според професорот, парадоксот е во тоа што граѓаните повторно (порано) самите ќе треба да платат за промена на пасошите, поради политички одлуки на државата. Во такви услови, Давитковски цени дека промената треба да биде на сметка на државата, односно бесплатна за граѓаните.

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, упатен во процедурите за издавање на личните документи, во релација со одредбите од Преспанскиот договор, смета дека се избрза со менувањето на личните документи, кога сѐ уште не е поминат рокот за нивно усогласување според одредбите од споменатиот договор.
– Навистина не знам зошто Владата брза со менување на личните документи и ги доведува граѓаните во апсурдна административна ситуација, можеби минимални, но сепак одредени финансиски издатоци и непотребно губење време. И покрај отпорот во јавноста спрема Преспанскиот договор, упорно настојува предвреме да ги спроведе обврските од него, иако првата страна, т.е. Грција не спровела речиси ништо од своите и така малку обврски. Според членот 1, точка 10, од Преспанскиот договор, не се изминати ниту техничкиот ниту политичкиот период предвидени за важноста на веќе постојните документи и материјали издадени од македонската држава. „Политичкиот период“ наведен во Преспанскиот договор предвидува документите што се во оптек во државата да се менуваат пет години по почетокот на преговорите со ЕУ. А ние сѐ уште сме далеку и од почеток на преговорите – вели Тодор Петров.


Одредби од Преспанскиот договор за менување на личните документи

Точката 10 од првиот член на Преспанскиот договор предвидува два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“, за промена на личните документи кај македонската страна.
Точка 10. Во однос на важноста на веќе постојните документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“:
а) „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во членот 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.
б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали што се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.