Фото: Дарко Андоновски

Грција сѐ повеќе притиска со своите уцени и апсурдни барања од една комотна и супериорна позиција, додека Македонија соочена со кратки рокови и временскиот теснец, пак, се надева дека спорот ќе се реши до самитот на ЕУ од кој се очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на самитот на НАТО во јули. Во една таква игра на нерви и на време и само еден погрешен потег може да ја реши партијата

Играта топло-ладно во позициите на Атина и на Скопје во однос на наметнатиот спор околу уставното име на Македонија, а во рамките на преговорите што според медиумите се во забрзана фаза со јужниот сосед, неделава добива повторно на популарност кај домашната јавност особено во пресрет на денешната нова средба во Солун на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас и македонскиот министер за надворешни Никола Димитров. Актуелноста во ненадејното ублажување на македонските позиции во однос на грчките инсистирања за промена на Уставот како гарант при меѓусебниот договор ја обнови неодамна премиерот Зоран Заев, што доби широк публицитет во Грција. Заев во интервју истакна дека Македонија би можела да ја разгледува можноста за отворање на Уставот пред влегување во ЕУ и преку креативен начин што ќе ги одржи достоинството и идентитетот да се најде решение за проблемот што ќе ги задоволи грчките барања. Според него, сите можни креативни начини на наоѓање решение се добредојдени објаснувајќи притоа дека тоа може да се постигне доколку институциите во Грција и во Македонија гласаат за тоа решение.

Фото: Игор Бансколиев

Ваквата изјава на премиерот Заев, според домашните познавачи на состојбите, остава простор за дилеми и нејаснотии дали македонската страна воопшто има свои цврсти позиции и конкретни ставови во разговорите со јужниот сосед од кои не би отстапила или ги менува во зависност од тоа „од каде дува ветерот“. Според упатените, со отстапките што ги најавија премиерите на Македонија и на Грција во Давос, требаше ниту една земја да не изгуби многу, а да се во знак за добрата волја на двете страни за решавање на спорот за името. Последните случувања, според нив, говорат дека македонската страна во недостиг од време до самитот на НАТО во јули, прави крупни отстапки што нѐ ставаат во подредена положба, наспроти максималистичките барања на Атина, кои од ден на ден се зајакнуваат.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски неколкупати во изјава за „Нова Македонија“ вели дека нема никаква дилема дека може да се очекува некаква промена во односите со Грција. Никовски е убеден дека овој зачестен дијалог со Атина засега според изјавите нема светла иднина и оти е извесно дека претстојната средбите со Коѕијас не навестуваат било каков напредок во разговорите, освен испорачување на барањата на Грција.
– Средбите со Коѕијас нема да донесат промени во јавните манифестирања на ставовите на двете земји бидејќи Грција нема да има потреба од такво нешто со оглед дека нивните апсолутно максималистички барања ќе бидат во нацрт-договорот што веќе е објавен. Со оглед на тоа, какво било омекнување на грчките ставови во блиска иднина не е воопшто потребно. Од друга страна, што е веќе вообичаено нашите ќе се обидуваат да прифатат сѐ што е можно дури и незамисливо само за да успее проектот. Во секој случај, грчкиот предлог ќе нѐ доведе во крајно неповолна инфериорна позиција во спорот и ќе биде многу тешко да се излезе од ќор-сокакот. Поволно е што грчката страна во никој случај не сака договор и тоа единствената наша шанса да не доживееме тотален пораз – вели Никовски.

Според политичкиот аналитичар Димитар Димов, компромис е сепак можен. Димов вели дека има впечаток оти грчката јавност полека разбира дека нивните барања се претерани, особено барањето за промена на Уставот.
– Компромисното решение сигурно ќе се бара полека, полека и ќе се договараат оние работи што не се спорни, оние работи што од едната или од другата страна може да бидат прифатени, за полека да се приближуваме за решавање на главното прашање околу името – вели Димов.
Тој додава дека е важно што со овие разговори е создадена доверба меѓу двете страни, која, како што објаснува, е неопходна за да се најде решение и за идните односи меѓу двете земји. Според него токму во таа насока е и изјавата на премиерот Заев околу можното отворање на македонскиот Устав пред влезот во ЕУ како опција за решение, за да се влее дополнителен оптимизам во периодов што следува, кој, пак, според Димов, ќе донесе конечно решение задоволително за двете страни.

Во исто време контактите меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас, продолжуваа денес и утре во Солун. Двајцата министри ќе учествуваат на квадрилатералниот состанок, на кој ќе бидат и нивните колеги од Бугарија и од Албанија, Екатерина Захариева и Дитмир Бушати. Од Министерството за надворешни работи не прецизираат дали е предвидена билатерална средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, на која би станало збор за спорот за името. Последната средба во рамките на преговарачкиот процес Димитров и Коѕијас ја имаа на 25 април во Виена, а на неа присуствуваше и посредникот на ОН, Метју Нимиц. По последната рунда преговори изјава даде само Нимиц и нагласи дека двете страни остануваат посветени на решавање на проблемот, без да презентираат детали од разговорот.
– Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, првпат толку блиску, до договор. Но и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената – вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај.
Коѕијас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.
Тој уште еднаш повтори дека Грција останува на ставот дека вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата и оти за тоа е потребна промена на македонскиот устав. Коѕијас додава дека Грција нема да биде виновна ако нема договор за името до јуни.

Од друга страна Македонија, пак, се надева дека прашањето за името ќе се реши до самитот на ЕУ од кој се очекува датум за почеток на преговорите, како и покана за членство на самитот на НАТО во јули.
Инаку интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, предизвиците за регионот на Југоисточна Европа од состојбите на Блискиот Исток и источниот Медитеран, последиците од движењето на бегалците и мигрантите кон Балканот и иднината на Европа ќе бидат темите на кои денеска и утре ќе се осврнат министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Бугарија и на Албанија на третата квадрилатерална средба во Солун.