Република Конго и Демократската Република Конго љубезно ја делат употребата на името, Русија и Белорусија имаат слични имиња што не им пречи, Судан и Јужен Судан не се согласуваат, но тоа не е околу името. Меѓутоа Грција и Македонија…

Македонците направија уставни измени за да го испочитуваат нивниот дел од договорот, а Собранието официјално го смени името на државата во Северна Македонија. Грција го доби тоа што го сакаше, па сега е ред на грчкиот парламент да го ратификува Преспанскиот договор и да ја тргне забраната за приклучување на Северна Македонија кон НАТО, пишува весникот „Монтреал спектатор“.

Но, тоа не е така лесно. Партијата Независни Грци од кои зависи мнозинството на премиерот Алексис Ципрас во парламентот, ја напушти коалицијата, велејќи дека Ципрас ја предал Грција. Згора, тие порачуваат дека ниту еден странец не треба да има право за користење на светото грчко име Македонија, дури ни терминот Северна Македонија, како и дека странците потајно сакаат да ја заземат северна Грција.

– Како ваквите бесмислици доминираат во политиката на двете држави во претходните две децении? Македонија беше надвор од НАТО и од ЕУ, добивајќи единствено место во Обединетите нации откако се согласи да се нарекува Поранешна Југословенска Република Македонија во ОН. И ваквата бесмисленост се провлекуваше во една цела генерација – се наведува во анализата на „Монтреал спектатор“.

Но, тркалото конечно се сврти и двете држави истовремено добија „возрасни луѓе“ на власт – Алесис Ципрас во Грција и Зоран Заев во Македонија. Двајцата се социјалдемократи кои имаат поголеми планови и сакаат да го остават зад себе прашањето што националистичката десница постојано го експлоатира. Заев мораше да организира референдум, но националистите го бојкотираа, правејќи го неважечки, по што македонскиот премиер беше приморан да бара двотретинско мнозинство во македонскиот парламент. Ципрас, пак, се соочи со борба за добивање доверба во парламентот, додека претходно вложи значителен политички капитал за да ја избави Грција од финансиските потешкотии. Токму затоа, овие двајца политичари заслужуваат да успеат, а можеби тоа и ќе се случи, пишува Гвен Даер во написот насловен „Играта со името во Македонија е смртно сериозна“.