Претседателот Ѓорге Иванов побара од премиерот Зоран Заев да ги достави предлогот за водење на преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите за името.

– Ставот на претседателот Иванов дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес е основен непроменлив принцип, што е во согласност со утврдената правна рамка за водење на разговорите за разликата околу името во рамките на Обединетите нации и во никој случај не е насочен против интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и во НАТО – се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Претседателот Иванов укажува на потребата од постигнување на национален консензус за надминување на разликата околу името и изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.