Претседателот Ѓорге Иванов, обраќањето пред учесниците на првата Национална конференција за византологија и медиевистика, насловена „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“, која вчера ја отвори во Охрид, го искористи да направи паралела помеѓу околностите што придонеле за пропаѓањето на Самуиловото Царство и актуелните случувања во Република Македонија, во кои централната улога ја играат политичките елити. Како причина за пропаста на Самуиловата држава тој ја посочи превртливоста на нејзините елити, кои за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната и посочи дека нешто слично се случува и денес.

– И во такви услови, за жал, секогаш ќе се најде некој што ќе прифати да напише политички коректна историја, во која ќе се наметнуваат претстави скроени по волја на нашиот јужен сосед. И тие плодови на тој нов калем ќе им се даваат на нашите деца во училиштата и на нашите студенти на факултетите – објасни претседателот Иванов.
За Иванов, асномска Македонија е фиданка што изникнала од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава, на која, како што предупреди, „се прават обиди да ѝ се накалеми туѓа гранка“.

– Таа туѓа гранка е договорот од Преспа. Во членот 8, точка 5, е предвидено формирање заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Иако тој комитет би требало да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави. Авторите на текстот на договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење балкански идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша – рече македонскиот претседател.

Со договорот од Преспа, според Иванов, се негира правото на самоопределување, се негира правото на слобода на мислење и изразување гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.

– Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации ги бришат името Република Македонија и придавката „македонски“ со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред илјада години – додаде Иванов.
П.Р.