Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија, ја следи политиката на ЕУ и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ. Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји-членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки, претседателот на РМ смета дека одлуката на македонското МНР е избрзана.

Ова се наведува во ставот од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во однос на одлуката на МНР за протерување руски дипломат.

– Претседателот на Република Македонија повикува на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика, за да се спречи можното нанесување на штета во остварување на стратешките цели на Република Македонија – се наведува во ставот од претседателскиот Кабинет.

Се додава дека претседателот на РМ, согласно позитивната законска регулатива, очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста, поврзани со овој случај.