Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината, тогаш ние ќе се занимаваме со минатото, рече претседателот  Ѓорге  Иванов на прес-конференцијата по состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони.

Оценувајќи дека врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската Унија, Иванов рече дека долго време политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со Република Македонија не поради принципите и критериумите на Унијата, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.

– Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција, изјави Иванов .

Додаде дека по самата своја  природа, проширувањето е политичко, а не само техничко прашање.

– Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони, изјави Иванов.

Истакнувајќи дека најважното нешто што ги поврзува земјите од регионот е желбата за членство во Е,  Иванов рече дека очекува  Унијата  да не ни дава празни ветувања бидејќи,  „ членството во Унијата за нас не е празен идеал “ .

Ги поздрав и  објективните критериуми за проширување на Е У  со Западен Балкан со вреднување на заслугите на секоја земја поединечно .

– Сепак, не можам, а да не го забележам следново. Стратегијата експлицитно истакнува дека нови отворени прашања нема да бидат увезувани во Унијата. Сакам да потсетам дека граничните прашања и идентитетските прашања имаат различна природа, а со тоа и различни последици. А прашањата со различни последици не можат да се третираат на идентичен начин. Република Македонија нема отворени територијални и гранични прашања, и затоа со право очекува поголема флексибилност од Унијата , нагласи Иванов.

Додаде дека со новите процеси не се намалува, ниту исцрпува Порцесот Брдо-Бриони, кој, како што посочи има  незаменлива уога да нуди стратегиски решенија.

Денешниот состанок, рече тој се одржал во духот на поврзаноста, нагласувајќи оти семјите во него се ги поврзуваат економијата, безбедноста и инфраструктурата.