Став на Франк Шимелфених и Улрих Седелмајер. Шимелфених е професор по европска политика на Техничкиот универзитет во Цирих, а Седелмајер е доцент доктор по меѓународни односи на лондонската школа за економија и политички науки

Исто како што познатата данска пиварница неодамна го промени својот рекламен слоган од „веројатно најдоброто пиво во светот“ во „веројатно не најдоброто пиво во светот“, политиката за проширување на ЕУ се чини дека минува низ слична промена. Во контекст на проширувањето кон исток во 2000-тите години, токму проширувањето во голема мера се сметаше за „најуспешната алатка за надворешна политика“ на ЕУ. Ова тврдење се темелеше на европската ефикасна употреба на условувањето, кое е задолжително за секое членство.
Иако условите за проширувањето на ЕУ се заслужни за играњето на позитивната улога во „европеизацијата“ и демократизацијата на посткомунистичките држави од Централна и Источна Европа, кои станаа дел од Унијата од 2004 година наваму, сега се чини дека ја губат силата во однос на актуелните кандидатки од Југоисточна Европа. Згора на тоа, уназадувањето на демократијата во посткомунистичките нови европски членки, особено во Унгарија и во Полска, ги отвора прашањата за тоа дали членството во ЕУ ќе има улога во демократизацијата.

Во едно скорашно истражување тврдевме дека намалениот кредибилитет на ветувањата за членство во ЕУ стана главна пречка за ефикасната употреба на условеноста за проширување кај идните членки. Исто така, недостигот од кредибилитет на европските санкции е најголемата пречка за одржување на европеизацијата на новите европски членки. Ние го преиспитавме „моделот за надворешни иницијативи“ (ЕИМ) со кој се објаснува ефикасноста на европското условување во пресрет на источните проширувања во 2004 и 2007 година и го поставивме прашањето дали сè уште е важно да се објасни домашното влијание на ЕУ во фазата по пристапувањето на земјите од Централна и Источна Европа и фазата пред пристапувањето на земјите од Југоисточна Европа.

Според ЕИМ, ЕУ ја придвижува европеизацијата преку санкции и награди од кои зависат политиките за влог и корист на владите што се кандидатки за членство. Со ваквите политики, владите треба да одлучат да ги прифатат или да ги почитуваат европските правила според следните услови. Прво, условеноста има поголеми шанси да биде ефикасна кога наградите ќе бидат поголеми и поконкретни (наместо недостижни). Овој услов најлесно се исполнува кога е присутна наградата за „членство“, односно најголемиот „морков“ што ЕУ може да го даде. Второ, условеноста мора да има кредибилитет. Целните влади мора да бидат сигурни дека ќе бидат наградени ако ги исполнат условите (и дека нема бидат наградени ако не ги исполнат). Кредибилитетот клучно зависи од постојаноста на ЕУ во воведувањето на условите. Трето, условите мора да бидат одлучни, односно целните влади мора да знаат што треба да направат за да ја добијат наградата. На крајот, наградата мора да биде поголема од цената што треба да ја платат владите за внатрешните промени. Ако владите ја изгубат моќта или се блокирани од страна на домашни играчи што имаат право на вето или ако немаат доволни административни или финансиски капацитети, тогаш тешко дека ќе ги исполнат условите.

Во однос на 12-те земји што станаа членки на унијата во 2004 и 2007 година, ние ја споредивме фазата на членство со усогласувањето со европските правни акти (законодавството) и со либерално-демократските норми на ЕУ. Откривме дека иако усогласувањето со европското законодавство е на високо ниво, дури и подобро од усогласувањето на старите членки, сепак владите што ги кршат либерално-демократските норми (особено Унгарија и Полска) не подлежат на заканите од европски санкции според членот 7 од договорот за Европска Унија, и покрај тоа што нивното право на членство е потенцијално загрозено. Можеме да ја објасниме разликата првично во однос на разликата во кредибилитетот на заканата од санкции, која во голема мера зависи од автономијата на европските институции во нивното наметнување.

Во однос на правилата на либералната демократија, автономијата на европските институции е екстремно ограничена, поточно членките сами одлучуваат со едногласност (минус еден) дали настанало нивно кршење. Кредибилитетот на санкциите е многу поголем во однос на законодавството. Членот 258 и 260 од договорот за Европската Унија ѝ дава на комисијата голема автономија да почне постапки за прекршоци и да изведе членка пред Европскиот суд на правдата што може да воведе финансиски казни за непочитување. Токму ваков пример е случајот со Полска, кога таа се согласи повторно да ги врати на позиција судиите во Врховниот суд откако Европскиот суд на правдата донесе привремена пресуда во декември 2018 година (потврдена во јуни 2019 година), но не кога таа само се соочи со политички критики и притисоци во другите европски институции.

Исто така ја споредивме политичката условеност во претпристапната фаза во Југоисточна Европа (Западен Балкан и Турција) на кандидатите од 2004 и 2007 година. Ова повторно покажува дека кредибилитетот ја прави разликата. Иако ЕУ им вети целосно членство на сите кандидатки, сепак нема разлика во големината на наградата. Истото тоа важи и за кредибилитетот на европската закана за одложување на членството во случај на непочитување. Сепак, Западен Балкан е помалку важен и привлечен за европските економии и повеќе зависи од надворешната поддршка за разлика од кандидатките од 2004 и 2007 година. До одредена мера, важноста на геостратегиското ривалство со Русија во регионот на Западен Балкан ја натера ЕУ да даде приоритет на стабилноста и на прозападната ориентација за сметка на промоцијата на демократијата.

Сепак, кредибилитетот на европското ветување за членство претрпе најмногу во споредба со претходните рунди на проширување. Јавната поддршка за европското проширување во членките драстично се намали низ годините, а популистичките партии добро го искористија противењето на проширувањето. Франција воведе услов за национален референдум за идните пристапувања, со што се зголеми неизвесноста за идните членки. Покрај тоа, посебните билатерални конфликти во земјите од Западен Балкан, кои немаат врска со формалните услови за членство, го спречуваат процесот за пристапување. Најважниот пример беше спорот за името меѓу Грција и Македонија, поради што Грција го блокира почетокот на преговорите од 2009 година.
Слично на тоа, неколку членки на ЕУ не го признаваат Косово, а недостигот од нормализирани односи меѓу Србија и Косово исто така го блокира патот на Србија кон ЕУ. Со оглед на тоа што е висока цената за домашните реформи кај актуелните кандидатки за членство, слабиот кредибилитет на ветувањето за членство е особено сериозен. Демократскиот напредок во регионот е во застој, а двете држави со најголеми проблеми во однос на кредибилитетот најмногу заостануваат. Досега ЕУ не успеа да го испочитува високиот домашен ризик што Владата на Северна Македонија го презеде за менување на името за да го реши билатералниот конфликт со Грција, и покрај постојаните оцени на Европската комисија дека државата ги исполнува условите за почеток на преговорите за членство, што претставува уште еден удар по кредибилитетот на европските услови.

Нашите споредбени докази ја нагласуваат клучната важност на кредибилитетот на европските иницијативи. Од теоретските услови за ефикасна европеизација, кредибилитетот е единствениот услов што покажува целосно усогласување со моделот на условување. Дури и ако иницијативите (наградите и санкциите) се силни во принцип, тие не успеваат да влијаат врз условите кога немаат кредибилитет.

Иницијативите со висок кредибилитет се покажаа успешно во надминувањето на високата домашна цена во претпристапната фаза. Намалениот кредибилитет е најважниот фактор во слабеењето на ефектите од европеизацијата на европската политика за проширување.

Од нашата анализа следува дека враќањето на кредибилитетот е од клучно значење за подобрување на ефикасноста на европеизацијата. Ако европските институции и членките и натаму се поделени во однос на важноста на нормите на либералната демократија, употребата на санкции за членките поради назадување на демократијата и желбата и итноста за проширување на Западен Балкан, тогаш кредибилитетот тешко ќе се врати. Одлуката дали да се започнат пристапни преговори со Албанија и со Северна Македонија е голема можност да се постигне тоа. Иако Европската комисија потврди дека двете држави постигнаа доволен напредок во домашните реформи за почеток на преговорите, сепак Советот не се согласува со овој чекор.

Од членките се очекуваше да донесат одлука лани во јуни, но таа беше одложена за јуни годинава, а потоа за октомври. Актуелно, знаците за позитивна одлука не се добри и покрај заедничкото соопштение во јуни годинава на 14 европски министри за надворешни работи, кои побараа од нивните неподготвени колеги „да ги исполнат обврските и да го потврдат кредибилитетот на европската политика за проширување заснована на јасна условеност и принципот на заслуги“, и писмото од 3 октомври на актуелниот и идниот претседател на комисијата, како и на претседателите на Европскиот совет и Европскиот парламент, во кое се вели дека двете држави „го исполниле тоа што било побарано од нив“ и дека одлуката за почеток на пристапните преговори „е тест за капацитетот на Унијата да ги исполни своите ветувања“.

Шансата за враќање на кредибилитетот на условите брзо се губи. Дури и ако кредибилитетот постепено се врати, цената за домашното усогласување за националните влади што се потпираат на нелиберални средства за да ја зачуваат власта во меѓувреме стана превисока, особено во Турција, можеби во Унгарија и дефинитивно во некои земји од Западен Балкан, како Босна и Херцеговина. Исто така, домашната јавност можеби полека го губи трпението со спроведувањето на реформите од страна на владите што не можат да го исполнат напредокот што се бара како предуслов за членство во ЕУ.