Иако поминаа две години од потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, пред неколку дена се појави анализа на „Енергипрес“, насловена „Зошто софискиот договор е катастрофален за Македонија“, во која од надворешен агол се фрла поинакво светло врз договорот и неговите фатални последици врз Македонија

Иако Преспанскиот договор со Грција е проследен со многу негодување и противење на дел од популацијата, договорот со Бугарија, со чии одредби ќе се занимаваме во овој текст, е со многу почувствителна содржина. Додека со првиот на сметка на името на државата се задржани виталните компоненти на македонската нација, како што се македонскиот јазик, македонскиот народ и граѓанскиот карактер на земјата, на источната страна се наоѓа договор, чии спорни одредби најдобро го опишуваат.
Членот 8 од договорот наложува формирање заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, чија задача е придонес во објективното и базирано на автентични докази и историски извори, научно да ги толкува историските настани. Исто така, во духот на европските вредности, а со заемна согласност, земјите ќе ги одбележуваат заеднички историските настани и личности.

Членот 11 зборува за обврската на двете страни да не преземаат активности од непријателски карактер, ниту да дозволат на сопствената територија активности на поединци и организации, кои имаат цел субверзивни и сепаратистички активности. Државите, исто така, се одрекуваат од моменталните и идни територијални претензии, со право да ги штитат правата и интересите на сопствените граѓани на територијата на другата договорна страна, во согласност со меѓународното право. Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот устав не може и не треба да се толкува како причина за вмешаност во внатрешните работи на Бугарија, за заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Македонија. Двете договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување недобронамерна пропаганда на институциите и ќе ја обесхрабруваат активноста на приватни субјекти насочени кон поттикнување насилство и омраза на штета на нивните односи.

Да се обидеме да објасниме што во суштина значат и предвидуваат наведените спорни одредби. Со формирање на меѓудржавните комисии со задача за договарање и институционализација на заедничкиот став за одредени историско-политички случувања и личности од „делот на заедничката историја“, како и за нивната национална припадност, за улогата на бугарската држава во Втората светска војна, е предвиден и историски ревизионизам. Иако се занимава и со прашања од економската соработка и подоброто поврзување, неговата основна задача е отстранување на пречките во општествената, културната и политичката билатерална соработка. Навистина се поставува прашањето како е можно да се отстранат антагонизмите од оној „дел на заедничката историја“ кога од другата страна имаме ноторни факти, докази и сѐ уште живи сведоци на одредени настани, особено на оние од Втората светска војна, со чие повторно толкување на содржината и контекстот ќе се продолжи негативниот момент на анимозитетот. Со тоа би се создал преседан што го дисквалификува секој иден факт во полза на таа идеја за романтизирање и ревизионизам.

Втората спорна одредба јасно потврдува дека државите нема да бидат појдовна точка и иницијатор на идни судири на кое било ниво, истовремено, суптилно дефинирајќи и формализирајќи ја улогата на двете земји во однос на сопствените државјани. Важно е да се нагласи дека во оваа одредба се спомнува категоријата државјанство, наместо национална припадност, со што Република Бугарија експлицитно не го потврдува ниту го негира постоењето на македонскиот народ, па успева под свое влијание да ги земе граѓаните на територијата на Македонија, кои изминативе неколку години, пред сѐ од економски причини, побараа и добија бугарско државјанство, првенствено поради можноста за работа на европскиот пазар, додека истовремено ѝ го ограничува на Македонија правото со своите институционални инструменти, па дури и со меѓународни договори, да го заштити или евентуално да го помага или на кој било начин да се поврзува со бугарските граѓани од македонска националност, кои отсекогаш живеат во Република Бугарија, а притоа не се македонски државјани, со што се отстранува можноста и дискусијата за постоење и права на македонското национално малцинство како посебно малцинство во сопствената држава.

На бранот на „постреволуциските“ политички промени во Македонија, со намалување на амплитудата на внатреполитичката поларизација, консолидација на позициите и враќање на угледот на земјата на меѓународната сцена во очите на западните пријатели и сојузници во Европската Унија и во НАТО, логично се надоврза и решавањето на отворените прашања со соседните земји, кои со години го спречуваа, условуваа или забавуваа нејзиното членство во тие сојузи, пишува Борис Николевски во анализата за „Енергипрес“

Договорот, според својата природа, но и неговиот процес на спроведување, е мошне асиметричен. Асиметријата најдобро може да се согледа низ насоката на политичко дејствување и однесување на актерите и институциите задолжени за таа улога. Патот до поставената цел може да се набљудува низ две призми: политиката на двете држави или одржливото пријателство на двата народа. Гледајќи низ првата призма, сликата е логично јасна, прикажувајќи две држави со нееднакво економско и политичко значење и моќ, кои се обидуваат една на друга да ѝ наметнат одреден став по одредена политичка цена. Другата призма, за одржливото пријателство на двата народа, би требало да го претстави тежнеењето на македонскиот и на бугарскиот народ со своето одговорно и добронамерно постапување, да отворат пат кон заемно разбирање, прифаќање, почитување и градење доверба. Имајќи ја предвид досегашната култура во процесот на имплементација на договорот, како и работата на заедничката комисија, постојат сигнали дека оваа втората димензија на договорот, во најдобар случај ќе остане запоставена во рамките на неговата формалност. Улогата на моментална економска и политичка надреденост, преку легални инструменти, поради лошата долгорочна процена на општествената реакција, ќе го доведе во прашање легитимитетот на постигнатото.

Од самиот почеток, јавната перцепција укажуваше дека македонската страна, свесна за сопствената позиција и преговарачка (не)моќ, ќе заземе подреден став, со што е загрозена можноста за поефикасна одбрана на сопствените интереси, иако во тој процес го даде максимумот на своите капацитети. Од друга страна, бугарскиот преговарачки тим, со наметнување темпо за спроведување одредени делови од договорот, континуирано директно ја загрозува неговата соодветна примена, користејќи ја својата позиција на членка на ЕУ, односно правото на вето во идните преговори. Сето наведено, ќе доведе до судир на двата процеса со иреверзибилен карактер – усвојување и спроведување на овој договор во формална смисла, како и на колективната свест, генерациското акумулирање меморија, знаење и искуство, како витален дел на секој народ и нација, кој не може ретроактивно да се измени или поништи со парафирање.

Бугарија, како земја-членка на Унијата, со подолга традиција на државност и политичка зрелост, во име на регионалната политика и ширењето на европските вредности, на себе требаше да ја преземе моралната должност да го направи тој процес помалку згрчен, а неговите последици помалку болни. Со тоа би покажала зрелост и визионерство, а согледувањето на важноста и вредноста на овој договор би било можно низ споменатите две призми, а едно позитивно би влијаело на перцепцијата на македонската јавност за добродушноста на политиката и намерите на бугарската држава, со што би се разбил повеќедеценискиот негациски дискурс од двете страни. Државниот врв на Бугарија, со национален политички консензус, реши да оди по друг пат. Со принципот победникот зема сѐ, метафорички се прикажани двете страни од кои едната се обидува нешто да добие, додека втората, истото тоа се обидува да не го изгуби. Примената на тој принцип, особено на овие лесно еруптивни географски широчини, речиси е сигурен индикатор за лош резултат. Најважната работа при резолуција на секаков вид судир, како воен така и политички, е да се истрае во задржувањето на достоинствениот карактер на решението, бидејќи токму тоа е од клучно значење за да заживее процесот на помирување, да биде одржлив и постојан.

(Текстот е извод од анализата на „Енергипрес“, а авторот е специјалист за меѓународни односи)