Фото: Архива

Имајќи го предвид широкиот спектар на форми и облици во кои се манифестира корупцијата, какви што се поткуп, непотизам, клиентелизам, злоупотреба на службената положба и овластување, злоупотреба на јавните фондови и ресурси…, експертите се согласни дека е потребна навистина широка акција за спречување и сузбивање на константната злоупотреба на доверената моќ за приватни интереси

ХРОНИЧНА ПОЈАВА НА НЕЕФИКАСНОСТ И НЕУСОГЛАСЕНОСТ НА НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Сите институции на системот за борбата против корупцијата во Македонија покажуваат поголеми или помали слабости во функционирањето, потврдуваат експертите по последниот повик на претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска. Надлежните институции, а пред сѐ Јавното обвинителство, да покажат иницијативност во постапувањето по предметите од особен јавен интерес, кои, според неа, предолго чекаат на процесирање. Речиси идентични повици упатуваа и сите нејзини претходници на функцијата, што, според неподелени мислења, но и според сите извештаи на релевантните меѓународни институции и организации, покажува дека корупцијата и понатаму е тешко совладлива пречка за напредокот на државата и покрај декларираните желби и формалните активности на политичките гарнитури што управуваат со неа во изминативе три децении.

Прозивка од првата антикорупционерка, одговор од Јавното
обвинителство…

Јавното обвинителство, како првоповикана институција од страна на Ивановска, немаше коментар на нејзината прозивка, но уредно информира за тоа во која фаза се предметите за ДУП-от за „Холидеј ин“ и за тендерот за печатење на материјалите за гласање во ДИК, што таа конкретно ги посочи како најпроблематични.
– Иницијативата поврзана со деталниот урбанистички план Ц-08 од страна на Државната комисија за спречување корупција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е доставена на 6.5.2021 година и веднаш е распределена кај надлежен обвинител. Предметот е во предистражна постапка и се преземаат сите неопходни дејства за расчистување на случајот. И покрај тоа што доставената иницијатива беше за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од членот 353 став 3, дело што е во надлежност на Основното јавно обвинителство – Скопје, предметниот обвинител донесе наредба за прибирање и анализа на материјалните докази во насока на утврдување дали е нанесена штета на буџетот на државата. Во оваа насока беше доставена и наредба до Министерството за внатрешни работи, кои побараа продолжување на роковите по наредбата поради структурните промени настанати во надлежната единица. Со оглед дека се работи за обемен материјал и период од осум години, што подразбира два мандата на двајца различни градоначалници, потребно е време за сериозно и аналитичко постапување, за да се испитаат сите околности врз основа на кои јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката. За предметот во врска со јавната набавка за печатење изборен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, врз основа на спроведеното вештачење, утврди дека нема простор за јавнообвинителско постапување по однос на кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување од членот 353 став 5 и за истото тоа на 12.4.2021 година достави известување до Државната комисија за спречување корупција. Со оглед дека во иницијативата покрај погоренаведеното дело, беше наведено и кривичното дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција​ предметот го препрати на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје, каде што се постапува во моментов во рамките на предистражна постапка и се прибираат неопходните податоци за да се утврди фактичката состојба – одговорија од службата за односи со јавноста Јавното обвинителство.

Потребата за безрезервна соработка помеѓу институциите во решавањето предмети произлезени од сомневањата за коруптивни дела

Повикот на Ивановска дојде неколку дена откако Европската комисија го објави извештајот за напредокот на земјава, во кој се заклучува дека таа е умерено подготвена во делот на спречување на корупцијата.
– Извештајот е многу релевантен, ја истакнува нашата улога, но препорачува да има придвижување и на другите институции – нивна проактивна улога. Во судството и во Обвинителството имаме важни предмети што сѐ уште стојат. Имаме и иницијатива пред Уставен суд за која сѐ уште се чека одлука – објасни таа.
Но независно од можните насоки на разврска на посочените случаи, упатените токму преку нивниот пример, ја објаснуваат потребата за безрезервна соработка помеѓу институциите во решавањето на овие и на слични предмети произлезени од сомневањата за коруптивни дела, а која, според нив, сѐ уште е далеку од задоволителна. Слабостите, како што објасни адвокатката Сирма Ѓорѓиева Антонијевиќ, која ја заврши Меѓународната антикорупциска академија (ИАЦА) во Австрија, се манифестираат низ целиот систем, почнувајќи од граѓаните, преку Владата и полицијата, до Обвинителството и судството.
– Пред сѐ, мора ние како граѓани да сфатиме дека корупцијата не е добра. Тоа може да се постигне ако се откажеме од убедувањето дека ништо нема да направиме доколку не најдеме некој што ќе ни ја поттурне работата. Затоа, во многу анализи на меѓународните институции се кажува дека поткупот во Македонија се сфаќа како нешто нормално и дека многу висок процент од граѓаните е подготвен да даде поткуп – вели таа.
Освен тоа, како што потенцира, многу е важно да се знае и оти ниту една влада не може да се амнестира од одговорноста за корупцијата.
– За да имате успешна борба против корупцијата, мора да имате влада што ќе се бори против неа. И тоа е нешто што се нагласува во извештаите, исто како што се инсистира и на независно и на ефикасно судство, кое, пак, како што гледаме, никако да се ослободи од влијанието на извршната власт – додава Ѓорѓиева Антонијевиќ.
Уште поголем проблем, според неа, постои во Обвинителството, во кое сѐ уште не функционира АКМИС-системот (електронска распределба на предметите) во судовите, но и во полицијата.

– За жал, и МВР се наоѓа на таа нишка затоа што неколкупати досега е алармирано од страна на Советот на Европа и на ГРЕКО дека треба постојано да се врши евалуација на стручноста на полициските службеници, а се посочува и на проблемот со стекнувањето големи имоти на полициските службеници. Изостануваат и обуките за антикорупциски превентивни мерки. А ако полициските службеници не се стручни, не се проверени и не се компетентни, не можете да очекувате дека тие коректно ќе ги подготват предметите по кои Обвинителството и судовите понатаму треба да постапуваат – објаснува експертката за борбата против корупцијата.
Конечно, таа, исто како и голем број други експерти во оваа област, укажува и на проблемот со транспарентноста во однос на пријавувањето на корупцијата, посочувајќи ги како пример општините, за кои вели дека речиси и немаат такви опции, како и на непостоењето механизми за заштита на укажувачите во институциите. ​​
А имајќи го предвид широкиот спектар на форми и облици во кои се манифестира корупцијата, какви што се мито, поткуп, непотизам, клиентелизам, злоупотреба на службената положба и овластување, злоупотреба на јавните фондови и ресурси…, експертите се согласни дека е потребна навистина широка акција за спречување и сузбивање на константната злоупотреба на доверената моќ за приватни интереси. Д.М.М.