Фото: Маја Јаневска-Илиева

По речиси седумчасовно преговарање меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски со своите тимови не најдоа заеднички јазик во преговорите за законот за Јавно обвинителство. Од друга страна, веднаш по состанокот и лидерите и партиите започнаа со меѓусебните обвинувања, кој не бил конструктивен, кој штител криминал и кој бил против Европската Унија и НАТО. Но какви реакции предизвика пропаднатата лидерска средба и какви се толкувањата на политичката и стручна јавност во однос на најновите случувања?

Според премиерот Зоран Заев, лидерската не успеала бидејќи од ВМРО-ДПМНЕ инсистирале во новото обвинителство, кое би гонело висока корупција, да бидат префрлени сите предмети на СЈО, па дури и оние 17 предмети што се во постапка. За власта, ова било преминување на црвените линии, бидејќи шефот на ова обвинителство ќе биде по предлог од опозицијата со што, според Заев, лесно би се амнестирале предметите во кои се гонат поранешните функционери.

– Нема да дозволам да се премине црвената линија и да се уништат предметите на СЈО – изјави Заев.

Неколку часа подоцна се огласи и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, кој напомена дека Заев на синоќешната средба се борел да ги заштити своите и криминалите на неговите блиски соработници и да управува со правните случаи.
Мицкоски рече дека за опозицијата било неприфатливо предложениот раководител на новото обвинителство за висок криминал, кој треба да дојде по предлог од најголемата опозициска партија, да се избира меѓу десеттемина обвинители од сегашното СЈО во случај предлогот од опозицијата да не добие поддршка од партиите на власт.

Во меѓувреме, преку социјалните мрежи и медиумите, и редица други државници, видни интелектуалци и политички аналитичари ги коментираа најновите случувања.
Вицепремиерот Бујар Османи, вчера истакна дека тоа што лидерите на власта и на опозицијата не постигнале договор, немало да влијае врз евроинтегративниот пат на државата.

Според него, разликите околу законот за Јавно обвинителство не се непремостливи.
– Моментот е неповторлив. Политичките лидери ги знаат очекувањата на граѓаните и се договараат соодветно и ќе ги надминат своите почетни позиции за да се најде конечно решение – изјави Османи.

Професорката Билјана Ванковска преку Фејсбук ја искоментира лидерската средба, оценувајќи дека се прават чекори за да се изменаџираат штетите од Ката и од „Рекет“, но, според неа, политичките лидери и партиите можат да си водат партиски политики и програми, и да применуваат вакви или онакви тактики, ама институциите се воспоставуваат во Собранието и никаде на друго место.

Таа смета дека оваа рашомонијада со СЈО/ЈО е само продолжение на старата сапунска серија, или, ако сакате, криво засаденото дрво на меѓународниот стејтбилдинг.
– Од вој „штоф“ – толку – стои во статусот на Ванковска.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска, пак, по повод последните настани напиша дека таа се залага против лидерски средби.

Професорката Гордана Сиљановска Давкова, која беше кандидатка за претседател, на својот твитер-профил истакна објава дека на почетокот сите сакаа да се сликаат со Катица, со хероината, со Чарлиевиот ангел, со божицата на правдата и стигнаа до Би-би-си.

– Ја носеа на „градима“, би рекол премиерот со правно растреперено срце. Се плашам дека набрзо ќе ја бришат од сликите како во времето на Сталин – пишува Давкова.
Адвокатот Александар Тортевски на Твитер напиша дека на ноќната средба ВМРО-ДПМНЕ барало да запрат сите постапки започнати од СЈО по 30.7.2017 што било неприфатливо за Зоран Заев, од причина што тоа е услов за добивање на датум.

– Да не беше датумот ќе немаше никаков проблем ќе се договореа ќе се изгушкаа. Кај е метеорот? – пишува Тортевски.

Правниот експерт од Европската комисија, Рајнхард Прибе, коментирајќи ги состојбите за функционирањето на правната држава во Македонија изјави дека смета дека услов за владеење на правото во земјава се независни политичари.

– Тие треба да имаат политичка волја за да го имплементираат владеењето на правото. На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување, не може да постои ниту владеењето на правото – порача Прибе.

Амели де Моншалин, државна секретарка во француското министерство за Европа и надворешни работи, во вчерашен разговорот со министерот за надворешни работи Никола Димитров ја повтори француската позиција за приближување на земјите од Западен Балкан со Европската Унија и особено ја истакна потребата за целосно почитување на владеењето на правото.

[email protected]