Јавноста во земјава сѐ уште се прашува зошто Чешка и Словачка реагираа во последен момент? Имаше ли простор тие да го сторат тоа и поодамна и со тоа да отворат пат за реакција на други членки на Унијата, кои многу добро знаат дека спорот што го наметнува една членка на ЕУ е надвор од секоја правна логика на меѓународното право и принципите на заедницата? Дали евентуалната навремена и принципиелна реакција ќе означеше друг тек на настаните? И на крајот на краиштата, дали во реакцијата постои и лична засегнатост на Чешка и на Словачка (за загрозување на корените на нивната писменост, култура, образование…), па реагираат жестоко бранејќи се себеси, но истовремено застануваат на страната на фактите и правдата?

Требаше ли всушност Словенија и Хрватска да бидат Чешка и Словачка?

Коментарите на поранешните претседатели и премиери од Словенија и од Хрватска дека нивните две земји не застанале доволно во одбрана на Македонија во спорот со Бугарија ја наметна дилемата дали Загреб и Љубљана премолчеле за да не ѝ се спротивставуваат на Германија? Дали некогашните „братски републики во СФР Југославија“ и нивните народи, со кои патем споменато, сѐ уште имаме добри релации на соработка и доверба, поведени од лични теснодржавни нивни интереси, не застанаа зад вистината и правдата во македонско-бугарскиот спор. Дали со нивната евентуална реакција, тие би си ја загрозиле поддршката што од нивното осамостојување безрезервно ја имаат кај Германија, која е претседавач со ЕУ до крајот на календарскава година?
Дополнително јавноста во земјава се прашува зошто Чешка и Словачка реагираа во последен момент? Имаше ли простор тие да го сторат тоа и поодамна и со тоа да отворат пат за реакција на други членки на Унијата, кои многу добро знаат дека спорот што го наметнува една членка на ЕУ е надвор од секоја правна логика на меѓународното право и принципите на заедницата? И на крајот, дали постои и лична засегнатост на Чешка и Словачка (за загрозување на корените на нивната писменост, култура, образование…), па реагираат жестоко бранејќи се себеси, но истовремено застануваат на страната на фактите и правдата?

Коректни кон силата, некоректни со правдината

– Хрватска засега некоректно молчи. И самата Хрватска трпеше некоректен однос и уцени од соседот Словенија поради билатерални прашања, па затоа би требало да биде принципиелна и да стори сѐ што може за да може С Македонија да има правичен пат кон ЕУ. Хрватска можеби не е земја што е клучна во донесувањето одлуки, но јасна поддршка на С Македонија би била морално и политички исправна и корисна за нашите пријатели Македонци – вели поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ во својот текст за хрватскиот сајт „Автограф“.
Со сличен став неодамна излезе и поранешниот словенечки премиер Марјан Шарец, кој вели дека и словенечката влада требало повеќе да се заземе за Македонија.
– Официјална Љубљана и владата на Јанез Јанша можат и треба да направат повеќе за Македонија, особено сега, кога Чешка и Словачка застанаа во одбрана на Скопје и го блокираа германскиот предлог во заклучоците за проширувањето – смета Шарец.
Познавачите на состојбите не ја отфрлаат можноста дека зад молкот на овие две земји може да има влијание и лошиот момент, односно периодот кога Европската Унија го носеше буџетот, но и некакви други сценарија.

Македонија потфрли во ширењето на вистината и фактите за спорот

– Молкот не е коректен од хрватска страна, но бугарската блокада се случи во време кога ЕУ требаше да го донесе буџетот, па Хрватска на некој начин не сакаше да ѝ се спротивставува на Германија давајќи ѝ повод на Бугарија таа да стави вето врз буџетот и да ја закомплицира ситуацијата. Згора на тоа, Хрватска има добар дел од тој колач од буџетот – вели Ангел Митревски, претседател на македонското здружение „Стоби“ во Сплит и добар познавач на тамошните состојби.
Тој додава дека дел од вината има и Македонија со потпишувањето лош договор со Бугарија, но и со неназначувањето амбасадор во Хрватска веќе две години.
– Моето мислење е дека и Македонија е виновна. Потпишувањето договор што бара исполнување само од едната страна беше грешка. Покрај тоа, во македонската амбасада во Загреб веќе две години нема именувано амбасадор, туку вршител на должноста, кој без оглед што квалитетно си ја врши работата, не го ужива истиот углед како амбасадорот. Замислете, Хрватска беше земја претседавач со Унијата, а Македонија немаше амбасадор – појаснува Митревски.
Според него, хрватскиот народ со особена загриженост го следи она што Бугарија ѝ го прави на Македонија и се надева дека по изборите Софија ќе отстапи од сегашните позиции.

Македонија и Бугарија веќе имаат постигнато некаков друг договор?

Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека зад пасивната улога на Словенија и на Хрватска се крие некакво сознание дека меѓу Македонија и Бугарија веќе има постигнато некаков договор.
– Реакциите од тие републики со кои живеевме во заедничка држава секако дека требаше да бидат поинтензивни. Јас сметам дека тие имаат сознанија за некаков договор меѓу Македонија и Бугарија, со знаење на ЕУ, така што тие се солидаризираат со другите членки – вели Јањатов.
Според него, има чудни коинциденции што се случуваат поради кои верува дека има некаков договор меѓу Скопје и Софија.
– Имено, прво 300 илјади евра дава Бугарија за невладини организации во Македонија, потоа донираше вакцини, па праќањето на Бучковски како специјален пратеник што го однесе нонпејперот за кој никој не знае што содржи, бришењето на фашистичкото минато, а сега и реформите во образованието со укинувањето на историјата, ми оставаат сомнеж дека нешто веќе е договорено. Во тој прилог одат и последните изјави на Борисов дека по празниците би можеле работите да се помрднат – нагласува Јањатов.
Тој додава дека некои отстапки од Македонија се изнудени и тоа ќе се обелодени во момент кога јавноста ќе биде преокупирана со други работи, па поради тоа Словенија и Хрватска веројатно не реагирале.