Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според професорот Игор Јанев, научен советник и познавач на меѓународното право на Универзитетот во Белград, тоа што во Преспанскиот договор Македонија не е означена под референцата ПЈРМ, како што беше случајот со Привремената спогодба од 1995 год., го прави за нас договорот од Нивици ништовен. Имено, во преамбулата на Преспанскиот договор, освен хеленската република нема друга земја со која е склучен договорот, што е надвор од сите меѓународни правни норми

Некои нови меѓународноправни аспекти на Преспанскиот договор

Преспанскиот договор е правно необврзувачки за Македонија, бидејќи таа никаде не се споменува како договорна страна, нешто што не беше случај со Привремената спогодба што земјава ја потпиша со Грција.
Имено, во Привремената спогодба потпишана во септември 1995 година во Њујорк, јасно стојат именувани Грција и Поранешна Југословенска Република Македонија како земји-потписнички на документот.
Сепак, во преамбулата на Преспанскиот договор, освен хеленската република нема друга земја со која е склучен договорот, што е надвор од сите меѓународни правни норми, туку е наведена само првата страна, Грција („првата страна“), додека Македонија со ништо не е именувана, туку е наведена само како втората страна, која беше примена во Обединетите нации во согласност со резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („втората страна“).
Според професорот Игор Јанев, научен советник на Универзитетот во Белград и одличен познавач на меѓународното право, тоа што во Преспанскиот договор Македонија не е означена под референцата ПЈРМ, како што беше случајот со Привремената спогодба, го прави за нас договорот од Нивици ништовен.
– Во споредбата со Привремената спогодба, каде што се појавува деноминацијата (кај нас позната како „референцата“) ПЈРМ, во Преспанскиот договор таа не се користи, туку наводниот идентитет на втората страна се упатува на тој „опишан“ во резолуциите на ООН. Јасно е дека со резолуциите на ООН не може да се воспоставува правен идентитет за државите, тие се зачленуваат во ОН со својот правен идентитет, а доколку не го поседуваат истиот тој, тогаш немаат капацитет да се зачленат оти ОН е организацијата на „суверени држави-членки“ – појаснува Јанев.

Според него, единствен валиден идентитет за склучување меѓународни договори до уставните промени направени во 2019 година е уставното име Република Македонија, а Преспанскиот договор е склучен во 2018 година, односно без валиден идентитет.
– Договори што не се склучени со валиден идентитет Република Македонија, не се правно валидни договори, бидејќи основен елемент на договорот е сите страни да имаат валиден правен идентитет при склучувањето на актот и своето договорно-правно претставување, договарање, ратификација и извршување на договорот. Поточно, идентитетот мора да биде валиден во сите фази до стапувањето во сила. Во случајот со привремената спогодба и посебно со Преспанскиот договор, за „втората страна“ немаме валиден правен идентитет, што значи дека Преспанскиот договор е склучен без валидна правна идентификација за втора страна, дури и без ПЈРМ – истакнува професорот Јанев.
Тој додава дека поради немањето валидната идентификација, Преспанската спогодба е невалидна и како таква, имајќи предвид дека има и произведува правно дејство, таа е нелегален договор.

– Овој договор има правно дејство во ООН и во системот на организираната меѓународна заедница. Регистриран е во ООН и произведува правни последици, а една од последиците е нашето ново државно име во ООН: „Република Северна Македонија“. Од тие причини, Преспанскиот договор како нелегален акт мора да се раскине, еднострано со дипломатска нота за раскинување до Грција и со известување за овој дипломатски чекор до ООН (ген. сек. на ООН и претседавачот на Генералното собрание на ОН) и сите држави-членки на ОН. Ова известување треба да биде придружено со нота, во која се бара новото државно име при продолжувањето на членството: Република Македонија, односно барање преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството во ООН под идентитетот Република Македонија – истакнува Јанев, притоа додавајќи дека треба да се има предвид и дека деноминацијата, било привремена или трајна, никогаш не е легална во меѓународното право.