Изминатата деценија на дело се покажа дека САД и Европа имаат различни интереси и дека нема гарантирано единство на трансатлантската интеграција како што постоеше за време на претходната Студена војна со СССР. Со сè што го уништува меѓународниот правен и мировен поредок, моќта и влијанието на недржавните чинители во меѓународните односи пораснаа, па корпорациите и финансиската индустрија ги водат своите геоекономски војни и ја претвораат целата меѓународна заедница во глобализиран нерегулиран пазар на геоекономска конкуренција. Тешко е да не се види дека меѓународниот поредок каков што беше создаден по Втората светска војна неповратно се распаѓа, а нов сè уште се нема појавено. Тоа е директен ефект од потезите на глобалните и новите регионални сили на геополитичката сцена и низа драматични настани што тие ги предизвикаа во текот на изминатата деценија, се вели меѓу другото во анализата на Марио Стефанов за „Геополитика“, чии делови ви пренесуваме во неколку продолженија

Декадата што го потресе светот (3)

Со сè што го уништува меѓународниот правен и мировен поредок, моќта и влијанието на недржавните чинители во меѓународните односи пораснаа, па корпорациите и финансиската индустрија ги водат своите геоекономски војни и ја претвораат целата меѓународна заедница во глобализиран нерегулиран пазар на геоекономска конкуренција.
Тешко е да не се види дека меѓународниот поредок каков што беше создаден по Втората светска војна неповратно се распаѓа, а нов сè уште се нема појавено. Тоа е директен ефект од потезите на глобалните и новите регионални сили на геополитичката сцена и низа драматични настани што ги предизвикаа во текот на изминатата деценија, почнувајќи од програмираниот геополитички преврат на Блискиот Исток и Северна Африка, извршен преку таканаречените продемократски револуции, на т.н. Арапска пролет.
Изминатата деценија на тој начин означи пресвртница и почеток на новата геополитичка ера на распарчена, асиметрична глобална војна со уништувањето на мировниот поредок. Новиот поредок допрва се создава во грчот на крвавите војни и хаосот на епидемии од биолошките агенси. Светот во моментов балансира на историски докажаната опасна промена во мировните поредоци, кога вакуумот на поредокот се заканува со судир на глобалните сили.

Деценијата ја обележаа арапските револуции и зајакнувањето на исламистичкиот екстремизам, кој успеа да навлезе во структурите на моќта на одделни држави, руската интервенција во Украина и отворањето на украинската криза, што доведе до обновување на Студената војна на Западот со Русија во форма приспособена на историскиот момент. Тие го продолжија својот субверзивен и апокалиптичен тек на настаните од изминатата деценија преку колежот на блискоисточните војни, имиграциската криза. Тоа беше обележано со зајакнување на активностите и улогата на Турција, британскиот обид да ја потврди својата глобална улога и со тоа поврзаниот брегзит, и од друга страна обидот да се зајакне и продлабочи интеграцијата на структурата на ЕУ и нејзиното издигнување на глобалното ниво на моќта. Победата на Доналд Трамп на изборите во САД доведе до создавање нова американска администрација, што до одреден степен го смени правецот на надворешната политика и ги натера САД да се оддалечат од ЕУ и од НАТО. Паралелно со тоа, администрацијата на САД влезе во жесток конфликт со Кина, која дефинитивно ја потврди својата позиција како глобална сила во текот на изминатата деценија.
Започнаа трансформацијата на глобалната економија и изградбата на нова зелена економија. Паралелно со пропаста на Договорот за контрола на нуклеарното оружје, започна злобна игра со биолошкото оружје, а светот постепено почнаа да го опфаќаат епидемии, кои сè повеќе се шират.

По ваквиот развој, крајот на деценијата беше обележан со пандемија на коронавирус и придружна економска криза што се одвива како дел од трансформацијата на глобалната економија. Капиталот останува глобализиран, а деглобализацијата влијаеше на производството и услугите што се обидуваат да се вратат во националните рамки од глобалната сцена, со цел барем малку да ги ублажат поразителните последици од дотогашната економска политика на глобализација заснована врз неолибералната економска и социјална агенда.
Победата на Џо Бајден на изборите претставува враќање на т.н. неоконси на власт во САД и на старите политики на американскиот интервенционизам низ целиот свет. Без сомнение, геополитичката агенда на американскиот либерален интервенционизам, кој беше потиснат за време на администрацијата на Трамп, повторно ќе се активира во полна сила. Ќе се ублажат тензиите меѓу трансатлантските сојузници и ќе се воспостави посилно партнерство на САД со Европа, но паралелно, со сигурност, ќе се отворат сега придушените стари воени жаришта. САД и европските сојузници несомнено ќе интервенираат дипломатски, економски и воено во многу поголема мера отколку за време на претседателствувањето на Трамп секаде каде што Вашингтон и сојузниците сметаат дека е потребно.

На тој начин се затвора целиот круг на геополитичките настани што се одвиваше во текот на изминатата деценија, а светот повторно е на почетната точка и распределбата на силите, со важна разлика – дека мировниот поредок во меѓувреме е целосно уништен.
Светот е вовлечен во безброј мали валкани војни за медијација, речиси по правило на раскрсниците на религиите и цивилизациите како дел од една голема необјавена светска војна за доминација на светските богатства. Во текот на изминатата деценија, ваквите геополитички поставки целосно ги зафатија меѓународните односи, го уништија секој значаен и ефективен меѓународен правен и мировен поредок и на тој начин ја посочија рамката во која ќе се одвива светската политика во следните години.
Стариот меѓународен поредок е соборен, без оглед колку и да се обидуваат да го закрпат, а сè уште се создава новиот. Изминатата деценија на тој начин, со своите хаотични настани, ја најави големата промена на политичките епохи.

(продолжува)

Марио Стефанов