Злобен круг

Подолг период имам чувство како да живееме во затворена кутија, каде што центарот на вниманието се одредена мала група ликови што ја имаат узурпирано функцијата политичар и си играат политика и држава. Мора да излеземе од кутијата и да го скршиме злобниот круг! Истите тие воведоа партизација наместо демократија. Младите и слободоумни политичари, професионалци (не оние што партиски се прогласени за професионалци), и особено науката се маргинализирани, бидејќи се закана за нивното незнаење и неспособност. Затоа сме до ова дереџе. Непотребно е повторно да се опишува состојбата во која живееме денес, бидејќи доволно е опишана, анализирана и објаснета. Иако тоа ни прави малку да ни е полесно на душата, сепак треба да се фокусираме на решенија. Доста е веќе од порази

Со оваа колумна би сакал предложам три основни принципи за кои гледам можност да се реализираат.
Подолг период имам чувство како да живееме во затворена кутија, каде што центарот на вниманието се одредена мала група ликови што ја имаат узурпирано функцијата политичар и си играат политика и држава. Мора да излеземе од кутијата и да го скршиме злобниот круг! Истите тие воведоа партизација наместо демократија. Младите и слободоумни политичари, професионалци (не оние што партиски се прогласени за професионалци), и особено науката се маргинализирани, бидејќи се закана за нивното незнаење и неспособност. Затоа сме до ова дереџе. Непотребно е повторно да се опишува состојбата во која живееме денес, бидејќи доволно е опишана, анализирана и објаснета. Иако тоа ни прави малку да ни е полесно на душата, сепак треба да се фокусираме на решенија. Доста е веќе од порази. Затоа ќе се задржам само на идентификација на клучните трендови, за да може да дојдеме до опции за можни решенија и одговор на прашањето на професорот Коцарев, Како понатаму? (Љупчо Коцарев, „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: Како понатаму?“, 2021)
За да продолжиме на опстојуваме како држава, потребно е: прво, партизацијата да ја замениме со меритократија, второ, сервилната политика да ја замениме со прагматизам, трето, толеранцијата да ја замениме со почит. Еве зошто.
Подолго време живееме во интеррегнум период, каде што стариот светски поредок умира и се раѓа нов. Во овој период големите држави се претворија во предатори, меѓународните односи се заменија со борба, а сите други се оставени да преживеат. Многу автори ја истражуваат кризата во либералниот меѓународен поредок. Ќе издвојам двајца автори, Роџер Итвел и Метју Гудвин, кои во книгата „Национален популизам: револт против либералната демократија“ од 2018 година, директно ги анализираат причините за кризата во либералната демократија. Анализата идентификува четири длабоко вкоренети промени во општеството за кои милиони луѓе на Западот кренаа глас и изразија загриженост.

Првата е недоверба. Елитистичката природа на либералната демократија промовира недоверба во политичарите и институциите на државата. Тоа придонесува граѓаните да чувствуваат дека немаат свој глас по прашања клучни за државата. Особено во последната декада либералната демократија го лимитира учеството на народот. Па, така, тие политичари се одвоија од народните маси, што резултира со недоверба во политичките партии и институциите на државата, што, пак, резултира со длабока поделба на општеството.
Втората е деструкција. Промоцијата на брза имиграција и социјалните различности придонесува за растечки страв од деструкција на националниот историски идентитет и формираниот начин на живот. Либералните политичари, транснационалните организации и глобалните финансиски гиганти со нивното слепо и несовесно промовирање на масовната имиграција, промоција на половото определување со примена на „политички коректна“ агенда и маргинализација на политичката опозицијата ја еродираат нацијата и минимизираат улогата на државните институции.
Третата е лишување. Неолибералната глобална економија вгради чувство на лишување од заслужената заработка како резултат на зголемена нееднаква поделба на добивката и сиромаштијата во западниот свет. На тој начин сѐ помалку луѓе сметаат дека имаат сигурна иднина наспроти мали групи што постојано/конзистентно екстремно се збогатуваат. Хиперглобализацијата ја претвори глобалната економија во предаторска економија, која е безмилосна за слабите држави што немаат функционална економија.
Четвртата е раскинување. Наметнат е тренд на раскинување на традиционалните врски помеѓу големите политички партии и гласачкото тело. Во класичната ера на либералната демократија оваа врска била силна со лојални гласачи. Денес многу луѓе сѐ помалку им даваат поддршка на големите политички партии. Едноставно ја губат довербата. Овие врски се раскинуваат, со што политичкиот систем го прават несигурен, поделен и непредвидлив.

Компаративната анализа на овие трендови и домашните случувања ви ја оставам вам. Сметам дека длабоката поделеност на македонското општество, особено во последниот период, направи да не сме самокритични и да не бараме решенија, туку веднаш посегнуваме кон осуда, навреди, омраза, омаловажувања, дискриминација и листата е предолга. Доколку нема отворена непристрасна дискусија, нема напредок.
Согледувањето на овие трендови упатува на заклучок дека денес ни е потребно да се фокусираме на работи што ние самите може да ги контролираме. Во нашиов случај, како мала држава, не може да влијаеме врз големите сили, кои постојано се натпреваруваат. Но можеме да влијаеме врз нашата реакција, односно врз она што ние како држава ќе преземеме при промени во регионот и глобално за да ги зачуваме националните и државните интереси. Затоа силно верувам дека меритократијата, прагматизмот и почитта се трите клучни принципи што ќе овозможат да ја зачуваме Република Македонија. Еве како:
Прво, меритократија, може да биде лепило за интеркултурализмот за кој професорот Коцарев (Љупчо Коцарев, „За ежовите, за лисиците и за грст долари“, 2021) зборуваше и наедно ќе ја промени политичката, работната и организациската култура. Традиционално некој ќе каже, „…е како не, тоа кај нас не е можно….“. Од моето скромно работно искуство, знам и верувам дека е возможно. Доколку младите и слободоумни политичари ги отстранат узурпаторите на функцијата политичар, ќе создадат услови да постават реално квалификувани раководители на државните институции, а тие ќе вработуваат реално квалификувана работна сила. Така ќе се овозможат еднакви услови за сите. Не е важно дали се членови на партија или не, важно е дали имаат едукација, знаење и искуство да работат. На овој начин ќе се подобрат и меѓуетничките односи, бидејќи целта на интеркултурализмот е отворен дијалог за заедничките обврски наместо за повеќе права. Наедно така ќе се скрши злобниот затворен круг на партиската агенда, тоа да биде државна политика или партија-држава. На тој начин ќе се креираат услови за меѓупартиски натпревар за испорака на добра партиска програма за остварување на државната политика. Во суштина, извештајот на Прибе од 2015 и 2017 го потенцира тоа. Може да се направат какви било реформи, но ако не се воведе механизам да се лимитира и контролира човечкиот фактор, сѐ ќе пропадне во вода. Затоа, ве охрабрувам да ги прочитате двата негови извештаи и сами да направите разлика со реалната состојба во која живееме денес.

Второ, прагматизам. Непредвидливоста како резултат на глобалните промени наметнува потреба да се фокусираме на работи што ние самите може да ги контролираме, односно што ние како држава можеме да направиме за самите себе кога се случува некоја промена. Не што другите очекуваат од нас, не што другите сакаат да направиме, туку што ние самите ќе направиме за нас! На овој начин ќе го напуштиме злобниот затворен круг на натпревар на таканаречени политички идеологии (кои служат за самонаречените политичари да се одржуваат на власт), сервилна политика и ќе може да се фокусираме на развојот на државата и општество. За илустрација, ние не ја контролираме глобалната економија, но можеме да ја преструктурираме домашната економија, која зависи само од нас како држава. Наместо увозна економија зависна од основните стоки, да изградиме политика на извозна разновидна економија.
Трето, почит. Либералната демократија промовира толеранција наместо почит. Но видовме од анализата на Гудвин и Итвел дека толеранцијата доведува до ерозија на нацијата и државата. Затоа е неопходно да се воведе принципот на почит. Давам почит, барам почит. Ќе те почитувам затоа што си способен, а не затоа што си убав/а. Се разбираме, нели? Само на овој начин ќе дојдат до израз индивидуалните права на секого од нас. Нема бенефиција за никого, почитта треба да се заработи. Наедно, на овој начин ќе се напушти етнонационалната политика на сите партии, кога велам сите, мислам и на албанските политички партии. Не сакам да правам поделба на блокови, бидејќи и албанскиот народ, како и сите други народи во Република Македонија, има иста одговорност и со ништо не се одвојува од другите.
Бидејќи сето горенаведено е за вчера, да престанеме да ја избегнуваме фактичката реалност, онаа што нѐ опкружува секојдневно. Да престанеме да креираме субјективна реалност дека ако се претставиш како проевропски ориентиран, тоа не те исклучува од секаква одговорност. На локалните избори видовме дека народот ги изгласа младите политичари, кои имаат визија за иднината, а кои немаат багаж од минатото. Затоа мора да ги погледнеме проблемите во очи и да почнеме да преземаме активности за оние работи за кои ние самите може да влијаеме. Тоа значи да си напишеме прво домашно, па потоа може да бараме привилегии!

Да живее Република Македонија!

Авторот е доктор на науки и професор на универзитет во Турција