Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје-Скопје преку социјалните мрежи му порача на министерот Венко Филипче, кој најави негово разрешување, дека никогаш не ја злоупотребил институцијата со која менаџира. Зибери упати и критики кон Филипче, а најавата за негово разрешување смета дека има изборна позадина.

–  Министер Филипче, престанете да ја злоупотребувате говорницата на Владата за изборни цели. Јас сум кандидат за пратеник и имам право да имам политички ставови на мојот личен профил на Фејсбук. Но и покрај ова, во ниту еден момент не ја злоупотребив институцијата со која раководам, нешто што за жал го прави министерот Филипче со овие изјави, кои имаат изборна позадина – пишува Зибери.

Претходно, Зибери на социјалните мрежи објави дека како член на Комисијата за заразни болести, дал придонес за отворање на границите, со цел, тие да дојдат и да гласаат за Албанец да биде избран за премиер.

Филипче, повикот на Зибери го нарече евтина и лоша предизборна реторика и најави консултации со правници за негово разрешување од позицијата директор на Центарот за јавно здравје-Скопје.