Во присуство на високи гости од Европа и од светот, меѓу кои и поранешниот премиер на Италија и поранешен претседател на Европската комисија, Романо Проди, вчера во Кинотеката на Македонија во Скопје се одржа втората по ред годишна конференција насловена „Медицината и трансформацијата на општеството во Европа и светот“.

Амбасадорот Јордан Плевнеш во својот воведен говор го истакна значењето на конференцијата и напомена дека таа со своето дејствување предизвикала своевидно ехо по сите меридијани во земјата и надвор од неа. Претседателот, пак, на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, од колеџот „Империал“ од Лондон истакна дека во овие моменти постои неопходност Европа и Европската Унија да ги редефинираат темелите врз кои се креирани. Тој направи интересна паралела на тоа како медицината, хуманизмот и социјалната заштита можат да бидат новите и вистински темели врз кои ќе се гради во иднина ЕУ, а не како досега целиот акцент на дејствувањето на државите да биде сконцентрирано околу финансиите, економијата, легислативата и банкарскиот сектор.