Фото: Игор Бансколиев

Капацитетот на овој пункт за вакцинација е 500 лица на ден, а за најмногу 10 дена се очекува да се извакцинираат сите здравствени работници

Во модуларната болница до Клиниката за инфективни болести вчера започна вакцинацијата на здравствените работници со вакцините на „Фајзер“, кои стигнаа како донација од Србија пред неколку дена. Според претходно направен распоред, здравствените работници доаѓаат во вакциналниот пункт и ја примаат првата доза. Како што најави министерот Венко Филипче, очекувањата се дека за максимум 10 дена ќе идат вакцинирани сите здравствени работници со првата доза од вакцина.
Прим. д-р Добринка Наунова Јовановска, која е една од највозрасните инфектолози на Клиниката за инфективни болести, кажа дека се чувствува одлично откако ѝ беше дадена вакцината.
– Процесот е безболен. Можам да препорачам секој од нас да ја прими бидејќи ова е единствен начин да се заштитиме од овој тип инфекција со која се бори целиот свет. По 21 ден ќе ја примам втората доза. Имунитетот се стекнува за две до три недели откако ќе се примат двете дози. Сега ќе бидам посигурна во однос на тоа ако дојдам во контакт со некој инфициран, многу полесно би се справила со инфекцијата. Затоа вакцината за мене е голема сигурност, ќе бидам позаштитена од оние што не примиле вакцина – рече докторката.

Министерот Филипче нагласи дека ќе се вакцинира со некоја од следните пратки што ќе стигнат бидејќи овој пат сакал да им даде предност на неговите колеги што секојдневно работат со ковид-пациенти.
– И официјално започна процесот на имунизација. Вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника ќе продолжи во следните денови, а следни се и вработените во сите ковид-центри, односно Институтот за белодробни заболувања – Козле и „8 Септември“, како и интерните клиники што работат со ковид-пациенти. Од викендот ќе почнат да се вакцинираат и здравствените работници во болниците низ државата. Во вчерашниот разговор со претставниците на „Фајзер“ беше кажано дека нови 4.000 дози ќе стигнат следната недела. Ќе ја започнеме и кампањата за издигање на свеста, граѓаните да знаат дека вакцините се безбедни, развиени се на безбедни платформи и дека ова е единствениот начин да ја смениме сликата на пандемијата – рече министерот.
Тој појасни дека дел од вакцините се чуваат во модуларната болница. Тие може да седат до пет дена на температура од 2 до 8 степени.
– Процесот започнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, па административната работа, закажување на следниот термин за ревакцинацијата по три недели. Верувам дека во следните месеци ќе имаме успешен процес на имунизација. Кога ги кажуваме дозите, кажуваме точно колку луѓе може да се вакцинираат. Со еден флакон, кој се раствора со 2 мл физиолошки, може да се вакцинираат шест лица – додаде тој.

Филипче кажа дека здравствените работници се свесни за важноста на имунизацијата.
– Кажав дека ќе се вакцинирам за да покажам дека вакцините се безбедни и дека тоа е единствен начин да се развие колективен имунитет. Не сакам да им земам место на колегите од овие дози што се броени, а кои работат директно со ковид-пациенти. Ќе се вакцинирам со некоја од следните вакцини што ќе дојдат за да им покажам на граѓаните дека тоа е она што треба и тие да го направат. Инаку, капацитетот на овој пункт е 500 лица на ден, ние започнавме со 350. За најмногу 10 дена ќе се извакцинираат сите здравствени работници – рече тој.