Како се штитат политичарите од ковид-19 при официјални посети? Здравствените протоколи вградени во државниот протокол и нивното доследно и недвосмислено почитување се сигурната формула за безбедност од секој аспект. Овој пат таков пример имавме и во нашата држава. На настаните што се одржуваа, а на кои имаше присуство на медиумите, можеше да се забележи дека доследно се почитуваа протоколите. Гардистите беа поставени на дистанца и носеа маски, а и на отворено маски носеа сите, вклучувајќи ги и претседателите Пахор и Пендаровски. Дистанцата беше задолжителна и за присутните членови на делегациите

Словенечкиот претседател Борут Пахор прв државник на гости во Македонија во услови на светска пандемија

Првата официјална посета на словенечкиот претседател Борут Пахор на нашата земја за време на светска пандемија не претставува само чин на потврда на заемното уважување, соработка, поддршка и можност таа да се продлабочи, посетата претставува и своевиден тест за потврда дека Македонија и од меѓународно-здравствен аспект е безбедна земја, а спроведувањето на протоколите за заштита од ширење на коронавирусот во случаи на меѓународна активност на политичарите е стандардизирано и се спроведува доследно.
Претседателот на Словенија, Пахор, два дена престојува во Македонија, од кои вчерашниот ден го помина со средби на политичките лидери во државата, а денеска е во посета на најголемиот туристички центар во земјава, Охрид.

Овие два дена Пахор и неговата делегација имаат директни средби со политичари, но и со претставници на општествениот живот во државата.
Какви се протоколите и дали има посебни правила на однесување во услови на пандемија или, пак, се применуваат усвоените протоколи за одржување јавни настани? Постои ли координација меѓу двете држави за начинот на организација на посетата? Дали словенечката страна имала посебни желби за време на средбите или во целата политичка агенда и средбите основното правило што се запазува е одржување дистанца и носење маска и обезбедени средства за дезинфекција? Постои ли ризик од коронавирус за кој било државник при ваква посета? Иако јавноста се увери во доследното функционирање на здравствените протоколи на највисок ранг, сепак јавниот интерес беше насочен кон споменатите прашања.
На настаните што се одржуваа вчера, а на кои имаше присуство на медиумите, можеше да се забележи дека доследно се почитуваа протоколите. Гардистите беа поставени на дистанца и носеа маски, а и на отворено маски носеа сите, вклучувајќи ги и претседателите Пахор и Пендаровски. Дистанцата беше задолжителна и за присутните членови на делегациите.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски вчера изјавија дека од почетокот на корона-кризата, ова е прва средба на нашиот претседател со странски државник што доаѓа во земјава.

– Претседателот на Словенија пристигна со специјален лет, со авион на словенечката држава. Потоа влезе сам во возило со шофер. Сите протоколи за одржување на средбите и настаните се спроведуваат според донесените протоколи од Комисијата за заразни болести наменета за одржување вакви јавни настани – посочија од Кабинетот на претседателот.
Оттаму додадоа дека претседателот Пахор доаѓа во земјава со уште двајца претставници на тамошната влада, како и со уште неколку членови на неговиот кабинет.
Поради безбедносни причини, од Кабинетот не откриваат други детали за престојот на словенечкиот претседател во нашата земја.
За церемонијата за пречек на претседателот и настаните што се одржуваа во претседателската резиденција најважно е да се зачува физичката дистанца и носењето заштитни маски, за да се избегнат директни контакти и да се намали ризикот од евентуален пренос на вирусот.
Сите тие протоколи ги спроведува македонската страна. За периодот додека одредена државна делегација е во земјава, во кој има свои активности, одговорноста за придржување на мерките за заштита е на самата делегација.

Првиот ден од посетата, агендата на Пахор беше набиена со многу настани, почнувајќи од утрото, па до доцна попладне, при што тој имаше неколку средби со високи претставници на земјава. Најмногу од настаните се одржаа во присуство на претседателот Стево Пендаровски, почнувајќи од официјална церемонија на пречек, со највисоки државни и воени почести на платото во „Вила Водно“, па со средба во четири очи на двајцата претседатели, со заедничка прес-конференција, како и со заедничка посета на црквата „Свети Спас“ и положување венци на гробот на Гоце Делчев
Оттаму Пахор замина на средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а потоа се обрати пред пратениците на седница на Собранието. Попладнето словенечкиот претседател имаше средба и со премиерот Зоран Заев.
Денеска претседателот Пахор престојува во Охрид, каде што заедно со претседателот Пендаровски ќе присуствува на показна вежба на специјалните сили на армијата на Македонија во кампот за обука на вода во Охрид. Претходно, двајцата претседатели ќе реализираат прошетка низ Охрид и разгледување на културните знаменитости. За крајот од посетата, двајцата претседатели ќе присуствуваат на показна вежба на специјалните сили на армијата.


Строги државни протоколи и уште построги здравствени

Според протоколот за организирање државни настани на отворено во земјавa, во новонастанатата ситуација, се предвидува поставување информативен материјал на јасно видливи места за почитување на општите превентивни мерки, носење заштитни маски, одржување физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена.
– Задолжително носењето лична заштита на лицето на сите учесници, гости, посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, задолжително одржување физичка дистанца од два метри на сите учесници, гости, посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, да се огради просторот на локацијата каде што ќе се одвива настанот и да се организира редарска служба, за да се спречи неовластено влегување и обезбедување физичката дистанца од два метри.

Бројот на лица да се ограничи на максимум 50 отсто од капацитетот на оградениот простор, во кој ќе се постават столчиња за седење на растојание од најмалку два метри, да се постават јасни насоки за влез, движење и излез на посетителите, да се постават дозери со средства за дезинфекција на рацете при влез и излез, како и на неколку места во оградениот простор на настанот, да се обезбедат мобилни хемиски тоалети во зависност од бројот на учесниците на настанот, да се обезбедат медицински екипи со санитетско возило, во согласност со бројот на учесниците на настанот. Се забранува служење и поставување штандови со храна и пијалаци. Се дозволува служење само на оригинално пакувана вода. При полагање на венците и свежо цвеќе да се почитува препорачаното растојание од два метри помеѓу членовите на делегацијата. Помеѓу две делегации што положуваат цвеќе на спомен-обележјето да се обезбеди временско растојание од две минути. Гардистите задолжително да носат заштитна маска. Во културно-уметничкиот дел на одбележување на настанот не се препорачува учество на хорови, игроорни групи и дувачки оркестри. Државната химна се препорачува да ја отпее едно лице, без учество на придружни вокали – предвидуваат протоколите.

[email protected]