Упадот на стотиците приврзаници на Доналд Трамп во зградата на Конгресот и убиството на четирите лица покажуваат дека не е сѐ толку сјајно во „земјата на слободата“. Меѓутоа, можеме колку сакаме да им се потсмеваме на американските граѓани, кои со децении ни држеа лекции за демократијата, но американската политичка елита покажа државничко однесување

Американската политичка елита од памтивек е романофилска и се идентификува со римските државници. Највпечатливата појава на ова романофилство е сенаторот Роберт Берд од Западна Вирџинија. Многумина не знаат дека во горниот дом на американскиот Конгрес, во утринските часови, сенаторите имаат право да говорат еден час за тема што тие ќе ја одберат. Берд го искористи ова право во 1993 година и одржа четиринаесет легендарни предавања за историјата на Римската Република. Затоа не треба да се зачудуваме дека секогаш кога Соединетите Американски Држави ќе се соочат со некоја опасност, нивните политичари се однесуваат како римските државници.
Упадот на стотиците приврзаници на Доналд Трамп во зградата на Конгресот и убиството на четирите лица покажуваат дека не е сѐ толку сјајно во „земјата на слободата“. Меѓутоа, можеме колку сакаме да им се потсмеваме на американските граѓани, кои со децении ни држеа лекции за демократијата, но американската политичка елита покажа државничко однесување.

Ако анализираме внимателно, последните случувања во Вашингтон се кулминација на политичко-општествената криза што почна со големата економска рецесија од 2007 година. Таа ја уништи средната класа и ги отвори портите на популизмот. Можеме бесконечно да дебатираме за популизмот, но во конкретниот случај станува збор за авторитаризам во јагнешка кожа. Споменатиот авторитаризам не се грижи за потребите на народот, туку за интересите на водачот, во овој случај американскиот претседател Доналд Трамп, неговото семејство и неговите лакеи. Трамп може со денови, недели и години да разгласува дека се грижи за сите граѓани, но неговите постапки покажаа дека му се важни само личните интереси и интересите на неколкумина негови избраници.
Но да го оставиме настрана Доналд Трамп и да се фокусираме на суштината. Можеме да ги омаловажуваме Соединетите Американски Држави, но тие покажаа зошто се светски хегемон. Одговорот е едноставен: „Соединетите Американски Држави се држава во вистинска смисла на зборот.“ Некој може да обвини за американофилство, но во суштина „коренот е во романофилството, затоа што Римјаните знаеја што е држава и умешно ги бранеа нејзините интереси“. Американската елита ја негува римската државничка традиција и затоа со децении можевме да ги слушаме сенаторите и конгресмените како говорат за Римската Република и како Римјаните се справувале со тешките ситуации. Но да видиме што говорат фактите.

Кога американската држава се соочи со најголемата опасност во историјата, Мич Меконел, лидерот на републиканците, истакна: „Гласачите, судовите и државите го кажаа своето. Ако ги отфрлиме нивните одлуки, ќе ѝ наштетиме на нашата Република засекогаш… Самовладеењето, мои колеги, налага споделување на обврските за вистината и споделување на правилата на нашиот систем. Не можеме да продолжиме да се делиме на две одделни племиња…“
Слично постапи и американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој со години беше омаловажуван дека е најголемиот лакеј на Трамп. Во судбоносниот момент, кога се одредуваше иднината на Соединетите Американски Држави, Пенс покажа чувство за државност и државништво, велејќи: „Ова беше мрачен ден во историјата на американската престолнина… Насилството е отстрането, Конгресот е безбеден и работата на народот продолжува. Ние ги осудуваме насилствава што се случија тука, во најстрога смисла на зборот. Жалиме за загубата на животите…, како и за повредените што го бранеа нашиот Конгрес. И секогаш ќе им бидеме благодарни на мажите и жените што го бранеа ова историско место. За оние што беснееја во Конгресот, не победивте. Насилството никогаш не победува. Слободата победува.

Ова сѐ уште е домот на народот… Светот повторно ќе посведочи на силата на нашата демократија… Избраните претставници на американскиот народ се состанаа повторно. Истиот ден. Да го поддржат и да го бранат Уставот на Соединетите Американски Држави. Бог да ги благослови законите, повредените и хероите што се исковаа на овој ден. Бог да ги благослови сите што служат овде и оние што го штитат ова место.“
Не случајно Мајк Пенс беше обвинет за предавство од страна на приврзаниците на Трамп. Тој можеби е предавник на претседателот, кому верно му служеше четири години, но ги стави државните над интересите на Трамп. Со други зборови, американскиот потпретседател покажа чувство за државност и државотворност.
Што можеме да научиме од случувањата во Вашингтон? Соочени со најголемата политичко-општествена криза во историјата, Соединетите Американски Држави покажаа дека се држава во вистинска смисла на зборот. За помалку од дванаесет часа, институциите ги исполнија своите должности. Безбедносните сили на мирен начин ги отстранија приврзаниците на Трамп и создадоа услови за работа на Конгресот, избраните претставници се состанаа и ја потврдија волјата на народот. Светот навистина повторно посведочи на силата на американската демократија, која ќе беше невозможна без функционирањето на политичко-општествените институции.
Без разлика дали општеството лежи врз принципите на капитализам, реалсоцијализам или теократија од видот на Саудиска Арабија или Иран, пред сѐ е потребно да се има држава, односно функционални институции. Но што се тоа функционални институции? Наједноставната дефиниција би гласела дека секој јавен служител (претседател, премиер, министер, пратеник, градоначалник, судија и сѐ така до бесконечност) го поставува државниот над личниот и партискиот интерес. Само на овој начин може да се има држава во вистинска смисла на зборот. Од личноста и кредибилитет на служителот зависи функционирањето на институциите и само на овој начин државата е мајка на сите, а не само на неколкумина.

Ние немаме државни институции во вистинска смисла на зборот, ние немаме професионален кадар што би ги поставил државните над личните и партиските интереси. Затоа сме сведоци на роденденски забави на партиски челници во државни простории, и тоа во време кога е забрането групирање на повеќе лица. Казните не треба да бидат симболични, туку да бидат во согласност со одговорноста во општеството. Македонското општество е обременето од партизацијата и затоа немаме држава. Никогаш во историјата на македонската држава нашите политичари не им се спротивставија на сопствената партија и на партиските лидери, дури и кога нивните постапки беа на штета на државата.
Да завршиме со сенатор Роберт Берд, кој вели: „Зошто го правам ова? Овие говори не излегуваат на насловните страници. Мојот персонал не излегува со објави до новинарите. Моите говори немаат за цел да создаваат вести… Зошто римската историја? Затоа што многумина, ако не и сите, од основачите на американската држава беа запознаени со римската историја…“