За сонцето не се преговара, господа политичари и историчари

Професорката Наде Проева во своја авторска колумна специјално за „Нова Македонија“ се осврнува на најновите актуелни случувања

За некои теми, особено ако се „наметнати“ од нашиот источен сосед, гревота е да се троши време, зашто за да се напишат очигледните аргументи за македонската самобитност, јазик, историја, култура ќе треба да се потрошат море мастило и хартија колку небото, како во бугарската песна: небето да е книга, морето да е мастило. A бидејќи молчењето ќе биде сфатено како одобрување, збор-два за луѓето што не се достојни да се спомене ниту буква од нивното име, а камоли да се крева прашина каква што деновиве се крена кај нас за човек што на залезот од својот живот не само што откри дека бил Бугарин туку ги учи Македонците дека само до вчера биле Бугари!

И што да се каже за таков човек, освен дека цел живот живеел со погрешно самосознание, што значи како погрешен човек. Како ли ќе живее сега со сознанието дека целиот свој живот го живеел погрешно? Ќе може ли да си прости што навреме не се сетил кој е и не се определил (или немал храброст да се определи, како на пр. Венко Марковски) за вистинската страна? Или пак, како секогаш, во вакви случаи станува збор за политички прагматизам и опортунизам, поттикнат од странските злосторници.  Изјавата на претседателот на државата: „Ако цената да влеземе во Европската Унија е да кажеме дека не сме Македонци и да кажеме дека нашиот јазик се именува некако поинаку освен македонски јазик, не ни треба Европската Унија“, никого не може да успокои, со оглед на практиката на челниците на партијата чиј претседателски кандидат беше: …додека го дишам овој македонски воздух… продолжението го знаете. И додека негов советник останува човекот што нѐ учи дека сме биле Бугари, а особено ако се сетиме на неговата претходна изјава дека Гоце Делчев бил Бугарин што се борел за независна Македонија, за што подоцна мораше да се дообјаснува, никој не може да верува во искреноста на оваа негова изјава.

И вакви небулози и мизерии се случуваат секогаш кога некој, кажано народски, си ја пика главата кај што не му ја бери. Имено, кај нас, впрочем како и на целиот Балкан, сите се големи зналци на историјата и сите се историчари, поголеми католици и од римскиот папа. Но ако на некои од самопрогласените историчари (интелектуалци, новинари, експерти, аналитичари) незнаењето на историјата, особено на својата, може да им се прости, тоа никако не може да им се прости на нашите политичари, зашто „историјата е учителка на животот“, од која треба да научат како се создавале и пропаѓале државите, за да знаат како да ја зачуваат својата држава што им ја оставиле предците, а не да ја распродаваат.

За жал, тие не само што се историски неписмени (не ги знаат методите на историската наука) туку и ги пренебрегнуваат сознанијата на историската наука, како и професионалните историчари, користејќи ги услугите само на оние историчари што се ставаат во служба за оправдување на нивните поставени цели. А колку историската методологија е лизгав терен дури и за историчарите се гледа од бугарското објаснување за некаков регионален македонски идентитет со примери на доселеници Далматинци во Америка од крајот на 19 век. Притоа заборава дека Далмација била политички ентитет и како таква била дел на т.н. троедна „Краљевина Хрватска, Славонија и Далмација“ во рамките на Австро-Унгарија до 1918 год., та според тоа се изјаснувале. А Македонците што не биле државјани на тогашната бугарска држава не се изјаснувале како македонски Бугари што останале надвор од бугарската држава, туку како Македонци, што јасно ја покажува нивната национална свест. Според оваа шуплива „логика“, Хрватите, Словенците, Србите, Македонците и другите народи додека беа во рамките на Југославија би биле регионални ентитети, а како нации треба да се признаат од нејзиното распаѓање!?!.

Друг пример е оправдувањето/минимизирањето на бугарската окупација на Македонија, со тоа што во 1943 год. наредбата за стрелање на дванаесеттемина младинци во Ваташа, а по убиството и масакрирани, ја дал Македонец (впрочем кај секој народ има предавници), но тоа не го менува фактот дека тие се бунтувале против бугарската власт во Македонија. Уверувањата од страна на нашите политичари задолжени за европска и за надворешна политика дека бугарското барање за дефинирање и преименување на македонскиот јазик немало да помине бидејќи не било во духот на европската демократија, може да ги голтнат само наивните.

Имено, и грчките барања за името на државата и историјата беа противни на сите демократски начела и меѓународни правни норми, но постепено, додека нашите политичари спиеја, беа прифатени, одобрени, фалени и на крајот наметнати од белосветските демократи, а од домашните послушници спроведени, спротивно на јасната волја на народот. Тврдењето, пак, на бугарскиот премиер дека „… неговата земја не забранува да го користиме јазикот што сакаме“, најблаго речено, е смешно, зашто не е јасно како може на еден народ да му се забрани такво нешто, освен ако не биде окупиран!

Патем речено, такво нешто не му успеало на ниеден окупатор во минатото, дури и кога Македонците морале да пијат рицинус и да плаќаат парична казна за секој изговорен збор на македонски. Неговата земја, значи не само политичарите, туку и целиот бугарски народ (не сум сигурна дека има согласност од народот), не ни забранува да си го зборуваме мајчиниот јазик, ама бара да го преименуваме според нивно „желание“. Мерси, премиере! – ти благодариме по б‘лгарски…
Да завршам како што почнав. Имено, има теми за коишто не може да се расправа, а камоли да се преговара – комисиски. Тоа е исто како две комисии да треба да се усогласат дали сонцето е тркалезно или не е. Несфатливо, смешно, будалесто – зарем не? Идентитетот е сонце. А за сонцето-идентитет, господа политичари и историчари, не се преговара.