Фото: Игор Бансколиев

Европската дволичност може да се забележи преку тоа што речиси половината од актуелните земји-членки имаат нерешени билатерални спорови со своите соседи, а сепак ги почнаа преговорите и се зачленија во европското друштво. Да биде апсурдот уште поголем, токму Унијата е таа што повикува билатералните спорови да не бидат пречка за почеток на пристапните преговори на земјите-кандидатки, но се чини дека само за Македонија тие се клучен услов за почеток на евроинтегративниот процес

ЕУ-политиките на двојни стандарди станаа практика во процедурите на Унијата

Малку време останува Македонија да го реши билатералниот спор со Бугарија за недоразбирањата во делот на историјата, јазикот и идентитетот, така што сè поизвесно е дека и овој пат ќе остане во чекалницата на Европската Унија токму поради билатерален спор со соседите.
Да биде апсурдот уште поголем, токму Унијата е таа што повикува билатералните спорови да не бидат пречка за почеток на пристапните преговори на земјите-кандидатки, но се чини дека само за Македонија тие се клучен услов за почеток на евроинтегративниот процес.
– Билатералните прашања не се дел од рамката. Рамката е многу јасна. Земјата треба да помине низ преговарачкиот процес и по одреден број години да влезе во Европската Унија – е ставот на холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.
Идентично размислува и Германија, земја актуелен претседавач со Унијата, од каде што повторуваат дека отворените прашања треба да се решаваат со билатерални договори.
– Билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално и не треба да се ставаат во преговарачката рамка – смета и германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн.

Но без оглед на ваквите ставови на европските дипломати, вклучувајќи ги и на американските, сепак ЕУ постапува спротивно, односно кога станува збор за Македонија дозволи билатералните спорови да станат главен критериум за почеток на пристапните преговори.
Таков беше случајот со блокадата од страна на Грција, која наметнувајќи билатерален спор за употребата на името „Македонија“ ја остави земјава повеќе од 15 години да биде земја-кандидат, иако според достигнувањата, доколку го немаше овој спор, реално таа можеше да стане членка на ЕУ најмалку со Бугарија и со Романија во 2007 година.
Откако се реши спорот со Грција, сега Бугарија наметна билатерален спор со Македонија како услов за почеток на преговорите, поради што повторно ќе се одложат пристапните преговори.
Вината за ваквата практика не е ниту кај Грција, ниту кај Бугарија, туку единствено кај ЕУ, која само во случајот со Македонија не најде начин како да ги спречи блокадите и да овозможи исполнувањето на европските критериуми да биде единствениот услов за почеток на преговорите и подоцна членство.

Европската дволичност може да се забележи преку тоа што речиси половината од актуелните земји-членки имаат нерешени билатерални спорови со своите соседи, а сепак ги почнаа преговорите и се зачленија во европското друштво.
Грција влезе во ЕУ во 1981 година со нерешени билатерални прашања со Турција, како и со Албанија за поморското разграничување. Дополнително, земјата беше финансиски презадолжена, со раширена корупција и криминал.
При приемот на нови земји-членки особено во големата група што стана дел од ЕУ во 2004 година, Полска, Унгарија, Чешка, Словенија, Литванија, како и Кипар, многу од нив имаа голем број нерешени билатерални проблеми, но тоа во ниту еден момент не ги запре пристапните преговори, дури и членството во ЕУ. Конкретно, Кипар започна преговори и се зачлени во ЕУ иако половина од островот е поделен и сè уште траат преговорите за решавање на територијалниот статус на Кипар.
Словенија преговараше со Унијата со нерешени билатерални прашања со Италија и со Австрија, ист беше случајот меѓу Полска и Литванија, а подоцна билатералните несогласувања не беа пречка Бугарија и Романија да ги започнат преговорите и да се зачленат во ЕУ во 2007 година.
Хрватска ги започна преговорите со Унијата со отворен билатерален спор со Словенија, а стана и членка иако за спорниот Пирански Залив двете земји и натаму преговараат и се договараат.

Ако се има предвид дека во голем дел од овие билатерални спорови меѓу сега актуелните земји-членки на ЕУ стануваше збор и за територијални прашања, нејасно е зошто ЕУ сега дозволува Македонија да биде спречена да ги започне преговорите за членство поради наметнат ирационален спор за тоа како ќе си го вика јазикот, или какво идентитетско чувство има нејзиниот народ.
Сите овие работи се во целосна спротивност на основните критериуми врз кои почива Унијата, почитување на правата, слободите и разноликоста на сите народи.
– Барем половината од земјите во ЕУ имале билатерални проблеми кога влегувaле во Унијата. И Бугарија беше условена со договор со Македонија, ние го потпишавме тогаш, но тие престанаа да го почитуваат. Мислам дека сега колата се крши врз Македонија – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Според него, целиот проблем што сега се случува со Бугарија е поради дефанзивната дипломатска активност од македонска страна.
– Мислам дека во прашање е некој несоодветен и дефанзивен однос на македонската дипломатија. Тие прашања требаше да се решат многу пред да дојдат на дневен ред, а не во пет до дванаесет како што сега се прави.

Кога своевремено Европскиот парламент се изјасни за македонското малцинство во Бугарија, тогаш Македонија требаше да бара од бугарското собрание донесување декларација дека ги признава сегашните државни граници, ги признава македонскиот јазик и идентитет и признава постоење на македонско малцинство на своја територија. Тогаш требаше офанзивен настап, а не да чекаме со некој болен оптимизам дека нештата ќе се средат сами од себе. Работите треба да се подготвуваат навреме – истакнува Јањатов.
Професорот Љупчо Ристовски смета дека европските дипломати доцна се јавуваат со ваквите коментари.
– После тапани свадба. Дипломатите имаа време претходно да направат нешто, а не да ѝ оставаат простор на Бугарија да врши притисок. Идејата е да се згасне македонскиот идентитет. ЕУ е партнер во тоа злосторство и нема кредибилитет понатаму да зборува – смета Ристовски.