Денеска нова рунда разговори во Виена

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан очекува прашањето за името меѓу Македонија и Грција да биде решено во наредните 15 дена. И додека политички кругови во Брисел и во земјава ја подгреваат атмосферата дека решението е на дофат, за македонските граѓани нема дилема дека уставното име Република Македонија може да биде единственото прифатливо решение

Во пресрет на денешната нова средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со посредникот Метју Нимиц во Виена, до јавноста пристигнуваат дијаметрално спротивни ставови за евентуалниот исход од разговорите и можните решенија.
Според изјавите од грчката страна, но и од тамошните натписи во медиумите, се чини дека станува сѐ појасно оти до решение за спорот за името тешко може да се стигне набргу, без уставни промени на кои постојано инсистира грчката страна.
Шефот на грчката дипломатија Коѕијас неодамна истакна дека Македонија тешко ќе може да се надева на НАТО до јуни. Наспроти ваквите грчки гледишта, во македонската јавност се пласираат информации дека е можно брзо решение на спорот и добивање датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни. Македонскиот оптимизам го дели и Брисел, со редица охрабрувачки изјави во таа насока. Најнова е изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој очекува прашањето за името меѓу Македонија и Грција да биде решено во наредните 15 дена.

– Јас сум оптимист дека во следните две недели ќе биде најдено решение за името или барем решение што ќе го отвори патот за почнување на пристапните преговори со ПЈРМ. Мислам дека сите се согласни оти тоа би било корисно за земјата и за целиот регион на Западен Балкан – изјавил Хан пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент.
Конечно, има ли шанса да се дојде до разумен компромис до јуни, во кој земјава ќе ги зачува достоинството и идентитетот и, во исто време, ќе влезе во НАТО.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски за можните варијанти и брзо почнување на претпристапни преговори со ЕУ вели дека, практично, решение за името е невозможно, бидејќи Грција тоа и го бара од нас, невозможното.

– Прво, треба да се отпише секоја можност за влез со референцата во НАТО. Тоа не доаѓа предвид. Второ, влезот во Унијата ќе трае безгранично и најмалку 15 години. Тоа значи најрано некаде во 2032 година. Трето, преговорите за името со Грција беа практично прекинати и средбата што се најавува за деновиве во Виена е само силен притисок од странскиот фактор врз Грција да се најде некој модус вивенди. Четврто, какво било приближување во НАТО без формално членство може да биде само залажување на Македонија без никаков конкретен резултат. Тоа се рамките до кои е дојдено нашето приближување во однос на Брисел и некакви посериозни изненадувања не се можни. Наша сериозна грешка е што ги форсираме преговорите со Грција, бидејќи со тоа само ја девалвираме нашата позиција во спорот и, што е најважно, решението практично го овневозможуваме, бидејќи другата страна го бара токму тоа невозможното – заклучува Никовски.

Во меѓувреме, во моментов во игра се повеќе сценарија поврзани со наметнатиот спор за името и евроатлантските интеграции.
Едно од сценаријата е да се притиснат двете држави да постигнат некакво решение за краток временски период, со што Македонија по брза постапка би влегла во НАТО. Оваа варијанта би можела да биде истуркана во комбинација од булдожер-дипломатија од двете страни на границата, тука вклучувајќи ги во преговорите САД, Германија и ЕУ.

Следното сценарио, за кое исто така се зборува во дипломатските кругови, е Македонија во јуни да добие некаков вид унапреден статус во НАТО, доколку дотогаш не се реши спорот со Грција. Оваа варијанта, која беше пласирана во јавноста од грчките медиуми како можна опција поради западниот дипломатски притисок за наше брзо членство во НАТО, деновиве во домашната јавност беше анализирана како невозможна алтернатива и некакво хибридно решение, кое и да ни се додели, нема да биде формално членство во Алијансата. Во овој контекст се и изјавите и на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, но и на премиерот Заев, кои велат дека не е толку страшно или трагично ако не се најде решение за спорот за името до јуни. Во досегашните јавни ставови на Димитров и Заев беше посочено дека е прифатливо единствено географска одредница и без промени во Уставот, идентитетот и јазикот на земјава. Од друга страна, Грција упорно инсистира на принципот „ерга омнес“, односно име за сите употреби, и бара промена на Уставот и редица други прашања што директно навлегуваат во идентитетот. Со вака искажаните спротивставености станува јасно дека разликите сѐ уште се големи во овој момент, иако во изјавите на посредникот Метју Нимиц се говори дека има драстично приближување на ставовите.

Како следно сценарио што е присутно во јавноста останува статус кво ситуацијата, односно повторно долги и неплодни преговори со Атина, без брз резултат за наше членство во ЕУ и во НАТО.
Ова сценарио е веќе видено и претходно во неколку периоди, од кои најинтензивен беше тој од 2007 година, до самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. По многуте опции во игра, низа предлози што излегоа во јавноста и низа разочарувања, пред сѐ за Македонија, особено откако, и покрај најавите на тогашниот претседател на САД Џорџ Буш, дека Македонија и Албанија ќе станат членки на НАТО, за нас тоа, сепак, не се случи, поради грчкото вето.
Во грчките медиуми деновиве се врти уште едно сценарио, кое го објави весникот „Катимерини“. Според ова сценарио, во случај да пропаднат забрзаните разговори со Македонија за проблемот што го има Грција за нашето име, прва последица би била таа што Македонија и понатаму би се викала бивша југословенска Република Македонија, како што е прифатена во Обединетите нации и самата Грција, но во билатералните односи за повеќе од 140 земји и понатаму ќе биде само Република Македонија, пишува „Катимерини“.

– Ако сојузниците, сепак, ја повикаат Македонија на самитот на НАТО во јули да поднесе барање за прием во членството, а „ние ставиме вето и Европејците и Американците го соборат и најдат начин да нè заобиколат?“. Во тој случај Македонија „повторно би се обратила до Меѓународниот суд во Хаг, каде што Грција веќе е осудена во 2008 година поради претходното вето, но простени ѝ се санкциите“. Потоа, можно е да се случи група членки да поднесат барање до ОН северниот сосед конечно и таму да се нарече така како што се вика, „а тоа за нас е шлаканица“ – наведува грчкиот медиум.
Наспроти мноштвото претпоставки и разни сценарија, се очекува многу работи да бидат појасни по денешната нова рунда разговори во Виена. Она што го очекуваат македонските граѓани, несомнено, е заштита на идентитетските прашања, јазикот и Уставот на државата.