Фото: Игор Бансколиев

Нашиот весник стапи во контакт со скопското семејство Давиткови, чии четворица члена се заболени од вирусот. Соговорниците велат дека за санирање на здравствената состојба од пандемијата, односно за набавка на лекови, витамини, пробиотици, но и за правење крвни тестови, рендген-снимки, како и за набавка на заштитна опрема месечно трошеле еден куп пари

ДОЛГА ЛИСТАТА НА МЕДИКАМЕНТИ И СУПЛЕМЕНТИ ПРОТИВ НОВИОТ ВИРУС

Колкав финансиски издаток за граѓаните преставува лекувањето на заразата со ковид-19 во домашни услови? Овие дилеми се актуелни во јавноста, особено во период кога имаме континуирано високи бројки на новозаразени лица, но и поради стравувањата и претпоставките дека во зимските месеци состојбата може и дополнително да се влоши. Нашиот весник стапи во контакт со скопското семејство Давиткови, чии четворица члена се заболени од вирусот. Соговорниците велат дека за санирање на здравствената состојба од пандемијата, односно за набавка на лекови, витамини, пробиотици, но и за правење крвни тестови, рендген-снимки, како и за набавка на заштитна опрема месечно потрошиле колку една просечна плата во земјава.
Имено, соговорниците објаснуваат дека откога еден од нивните членови заболел по препорака на матичниот лекар им биле пропишани антибиотици, лекови и витамини за кои потрошиле околу 6.000 денари. Тие раскажуваат дека само за два сирупа, кои се неопходни во процесот на лекување, се даваат многу пари, сирупот „имуноколмплес“ чинел 1.100 денари, а сирупот „бетаклукан“ околу 2.000 денари.
Но како што минувале деновите, поради влошената здравствена состојба, имало потреба да се посети специјалист инфектолог, кој, пак, во терапијата им пропишал лекови против згрутчување на крвта, односно „клексани“ што чинеле над 4.000 денари. Како што им било напоменато од здравствените работници, овие пари во најголем дел, или 70 проценти, се враќаат или се рефундираат од Фондот за здравство, но тоа може да го сторат кога ќе заздрават, кога ќе излезат од самоизолација и кога ќе поднесат соодветно барање до институциите.

Натаму заради превенција од натамошно згрутчување со крвта семејството набавило и дополнителни инјекции, исто така околу 4000 денари, кои не се на позитивната листа. Во оваа фаза, неопходно било да се набават и пробиотици, за заштита на организмот од дејството на силните антибиотици, за што потрошиле околу 1.000 денари. Семејството раскажува и дека како што закрепнувале членовите на семејството им било посочено дека секој член треба да направи анализи на крвната слика, но специфични што не влегуваат на листата на Фондот, односно требало да извршат проверка на Д-димери во крвта, чија вредност многу често се зголемувала со вирусот, па за тоа треба да се издвојат дополнителни од 1.000 до 3.000 денари во зависност од тоа каде се прават анализите. Натаму, биле платени и финансии за рендген-снимки на белите дробови на приватните клиники, бидејќи на државните преоптовареноста е проблем за навремено вршење на процесот, а за оваа намена треба да се одвојат околу 3000 денари.
Од друга страна, колку за споредба, пресметката за минималната плата од јули 2020 година што ќе важи до март 2021 година, според надлежните во државата и според преставниците на синдикалните организации, изнесува 14.934 денари.
Искуството, пак, на нашите соговорници покажува дека трошоците за лекување од ковид-19 во домашни услови го надминуваат овој износ и изнесува приближно колку една просечна плата во државата. За лекување се потребни над 23.000 денари додека, според последните публикувани податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата изнесува 27.405 денари.

Во меѓувреме, во одговор за „Нова Македонија“ од Министерството за здравство велат дека пациентите што се на домашно лекување, односно се со полесни симптоми најчесто се лекуваат со витамини и други суплементи со што се стимулира имунитетот за самиот организам да се избори против вирусот. Оттаму додаваат дека витамините не се лек туку се суплементи – односно додатоци на исхрана, па, така, не би можеле да бидат ставени на позитивната листа.
– Во однос на витамините и суплементите, како и за сите други лекови, ве известуваме дека Фондот ги покрива трошоците само за лековите што се на позитивната листа, без разлика дали тие се подигнуваат во аптеката или средствата за нив се побаруваат отпосле, преку рефундација – објаснуваат од министерството.
Оттаму сметаат дека во дел од случаите матичниот лекар пропишува и антибиотска терапија доколку увиди потреба за тоа.
– Најчесто за случаите што имаат засилена појава на симптоми од ковид-19 или превентивно како заштита од присутни хронични заболувања. Антибиотиците се на позитивната листа за осигуреници и со ова Фондот целосно ги намирува трошоците – велат од министерството.
Според нив, од Фондот за здравствено осигурување информираат дека во аптеките во текот на октомври се издадени 15.700 рецепти за лекот „сумамед“ и дополнителни околу 4.000 рецепти за лекови од други производители, кои ја содржат истата активна состојка и кои се сметаат за паралелни генерички лекови.

– Земајќи предвид дека од минатата година аптеките немаат повеќе квоти, истите тие се обврзани да ги имаат обезбедено на лагер и да ги издаваат лековите од позитивната листа, во согласност со потребите на осигурениците. Доколку некој лек не може да се обезбеди, тогаш веледрогериите се обврзани да го информираат Фондот за тоа. Досега во Фондот нема информација дека веледрогериите не се во можност да набават лек „сумамед“, што значи дека секој пациент може да го добие лекот преку Фондот за здравствено осигурување и за истиот тој не треба да плаќа приватно – заклучуваат од Министерството за здравство.

[email protected]