Известувањето во реално време, за жал, не претставува непосредно сознание
за вистинските случувања, туку невообичаено често е примарна медиумска манипулација, масовна илузија, која кај гледачот го убива аналитичкото размислување. Со дигиталната технологија се поддржуваат различни текови на информации, кои многу лесно се фингираат. Од друга страна, неоспорен е фактот дека амбиентот на стариот медиумски систем препознаен со т.н. печатени информативни медиуми (весници), остана многу жилав и досега непоразен од инвазијата на лажните вести

Сите аспекти на јавната услуга на Интернет всушност се приватизирани и трансформирани во „слободен пазар“. Со ова, алатките и просторот за огласување станаа главна движечка сила во развојот на интернет-технологијата. Токму поради ваквиот факт, темелно тежиште на дигиталниот комуникациски систем е – следењето на корисничките податоци. Но огласувањето на Интернет незапирливо отвори простор за, како што истакнуваат медиумските работници, „глобално масовно надгледување на граѓаните од страна на комерцијалните корпорации“. И тајните служби, се разбира. Монополските корпорации, тесно поврзани со западните корпоративни (стратегиски) интереси, ефикасно го колонизираа мрежното опкружување, па, оттука, сосема е јасно дека полека но сигурно „се намалува слободниот простор, а се зголемува надзорот“.
Во изминативе неколку декади, западните мејнстрим-медиуми беа следачи на разорните воени интервенции, но од оваа временска дистанца се гледа дека тие беа и екстремно ангажирани во оформувањето селективен и навивачки курс. Имено, лажните вести, кои веќе одамна се присутни на медиумскиот пазар, претставуваат често користена алатка на западните либерални демократии, со цел – воспоставување глобален поредок. Овој поим беше популаризиран од Доналд Трамп, кој со кованицата „лажни вести“ (fake news) ги оспоруваше вестите што се спротивни на неговите интереси. Но, несвесно, така тој само ја зајакна перцепцијата дека таквите вести – лажни или вистинити – се само оружје во нечии раце. Познато е дека во известувањето за воените судири, западните мејнстрим-медиуми применуваат двојни стандарди и дека односите со јавноста се во функција на реализацијата на одредени стратегиски интереси.

Имено, уште од „Пустинската бура“ (1990), како прва војна „во живо“, чиј директен пренос можевме да го следиме во удобноста на својата фотелја, медиумите се, без претерување, дел од глобалниот заговор. Да потсетиме, највлијателната вест за ирачката инвазија на Кувајт беше лажна вест. Една млада девојка од Кувајт, која наводно работела како болничка волонтерка, јавно сведочеше за убиствата на бебиња во инкубатори што ги извршиле ирачките војници. Нејзината приказна беше потврдена од Амнести интернешнел и таа беше пресудна за мобилизација на меѓународната јавност во поддршката за САД и формирањето една многу широка коалиција, а потоа за инвазијата на Ирак. Меѓутоа, во стварноста, приказната за бебињата беше лажна. Девојката што сведочеше не беше болничка волонтерка, туку ќерка на кувајтскиот амбасадор во Вашингтон.

Во таа, но и во сите следни војни, вклучувајќи ги и војните на просторот на бивша Југославија, електронските медиуми (Си-ен-ен и другите големи медиумски корпорации) станаа неразделив дел од војувањето, поточно прераснаа во предводници на воените кампањи. Известувањето во реално време, за жал, не претставува непосредно сознание за вистинските случувања, туку се работи за примарна медиумска манипулација, масовна илузија, која кај гледачот „го убива аналитичкото размислување“. Спектакуларните снимки на Си-ен-ен од Ирачката војна од 1990-та, а потоа и од 2003-та (во живо од Багдад), со кои Америка му испрати порака на светот, беа и медиумска емотивна агресија. Манипулацијата со крвавите снимки од човечки трагедии, војната како телевизиски спектакл во режија на Си-ен-ен, успешно исчекори во насока на конструирање една лажна стварност. Пропагандата како намерна манипулација со информации отсекогаш била централна компонента на војувањето, а секогаш се состои од вистинити, но внимателно одбрани факти, кои медиумите можат да ги прикажат како позитивни или, пак, да ги сатанизираат. Вистината во мејнстримот е секогаш селективна!

Од друга страна, има силни индикатори дека постои една многу суптилна врска помеѓу тајните служби и медиумите. Според Рој Гринслејд, медиумски блогер и уредник во „Гардијан“, „повеќето таблоиди се играчки на „ми-5“, а најголемиот дел од нив зависи од корпоративни спонзорства преку огласување“. Според тоа, многу проблеми на западната популација (вклучувајќи ја и мигрантската криза) нема да бидат објективно прикажани.

Какви мерки во врска со ова се преземаат кај западните влади? Имено таму, како што велат нивните сѐ почести изјави во јавноста, тие прават „значајни напори за спречување на лажните вести и руската пропаганда, која се служи со широка палета средства и инструменти (soft power), како што се групите за стратегиско осмислување“.

Од друга страна, западните аналитичари, пак, тврдат дека „и на исток се случува нешто слично“, дури и нешто повеќе. Таму, како што нагласуваат тие аналитичари, постојат и специјални фондови (Руски мир), како и телевизиски и мултимедиумски куќи (РТ и Спутник), верски групации, а сите тие имаат за цел „поткопување на европските демократски вредности и придобивање поддршка од европската јавност“.
Медиумската војна е во полн ек, па, според тоа, медиумската писменост станува една од најважните компетенции во 21 век. Европската Унија се фати за работа и формира експертска работна група за борба против дезинформации и лажни вести на Интернет. Тимот составен од 39 експерти, во кој учествуваат новинари, научници и неодминливите активисти од невладиниот сектор, има необично напорна задача – во морето од информации со кои секојдневно нѐ бомбардираат социјалните мрежи и интернетските медиуми, експертите би требало да ги детектираат оние лажните, значи измислени, но и проблематични содржини што можат (или веќе успеале во тоа) да влијаат на изборите во земјите-членки.

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна ја претстави Париската иницијатива за доверба и безбедност во сајбер-просторот, документ што ја реафирмира идејата за регулација на Интернет од позиција на заштита на човековите права. Ова е старо-нова иницијатива на францускиот претседател, која се надоврзува на веќе постојната идеја на Тим Бернерс Ли, пронаоѓачот на мрежата, чиј фонд „Ворлд вајд веб фондејшн“ неодамна го претстави Договорот за подобра мрежа, во кој се содржани темелните начела (слобода, отвореност, неограничен пристап,безбедност…) и кои би требало да го направат подобар целиот интернет-простор. Договорот е наменет за владите, големите корпорации, но и за поединечните корисници, со оглед на тоа што сите треба да преземат заедничка одговорност за квалитетот на онлајн-содржините. Тој наведе низа причини за загриженост, како на пример незадоволството на корисниците од комерцијалното огласување, нарушувањето на приватноста, ширењето говор на омраза и лажните вести. Овој договор бара од владите да ја третираат приватноста како основно човеково право. Тој отвори расправа за потребата од мрежно регулирање, бидејќи се работи за сајбер-простор што е користен од половина човештво, а моментално со него управува една техничка заедница на приватни „играчи“.

„Ако не го регулираме односот кон податоците на корисниците, тогаш какво значење имаат демократски избраните влади?“, се прашува Макрон. Во истиот контекст, тој истакна дека, благодарение на РТ Франција и Спутник, Марин Ле Пен за малку ќе извојуваше победа на минатите парламентарни избори, па затоа се одлучил за формирање тело што ќе се бори против обидите за дестабилизација на земјата, кои ги спроведуваат надворешните медиуми.

Германија веќе го усвои Законот против говор на омраза и лажни вести на Интернет, според кој на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер), но и на програмите за комуникација како Ватсап, платформите за електронска пошта и видеокомуникација им се закануваат екстремно високи казни во висина до 50 милиони евра.
Се работи за комерцијални платформи што имаат повеќе од 2 милијарди корисници, чии сопственици се принудени да ја преземат улогата на правосудни органи, разгледувајќи ги жалбите од корисниците во врска со говорот на омраза.

Дигиталната технологија потенцијално поддржува различни текови на информации (најважен е слободниот простор), меѓутоа се покажа дека амбиентот на стариот медиумски систем со печатените информативни медиуми остана многу жилав и досега непоразен од инвазијата на лажните вести. Во книгата „Дигитално исклучување: како капитализмот го свртува Интернет против демократијата“, Роберт Мекчесни наведува дека уште во средината на 1990-тите, како резултат на политичко носење одлуки, „сите аспекти на јавните услуги на Интернет всушност беа приватизирани и трансформирани во слободен пазар“, се разбира, со чувство на нелагода кај научниците (па и кај славниот Тим Бернерс Ли), кои ги создадоа Интернет и модерните комуникациски технологии со пари од јавноста. По институционализираната приватизација, алатките и просторот за огласување станаа главна движечка сила во развојот на интернет-технологијата. Токму поради тоа, темелна функција на дигиталниот комуникациски систем е следењето на корисничките податоци. Огласувањето на Интернет незапирливо отвори простор за глобално масовно надгледување на граѓаните од страна на комерцијалните корпорации и тајните служби. Монополските корпорации, тесно поврзани со западните корпоративни (стратегиски) интереси, ефикасно го колонизираа мрежното опкружување, па, оттука, сосема е јасно дека новата регулација ќе го намали слободниот простор и ќе го зголеми надзорот. Многу е јасно од кого. С.Н.М.