Опозициското ВМРО-ДПМНЕ започна да ги собира граѓанските потписи со кои ќе бара поништување на Законот за попис, според кој, во април, конечно треба да се одржи пописот на населението и на домаќинствата во Македонија. Владата, пак, не се откажува од намерата да го спроведе пописот за што доби и отворена поддршка од дел од западните сојузници.
– Граѓаните му ја упатија пораката на Заев. Доколку Зоран Заев има барем малку доблест по денешната порака која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис – се вели во вчерашното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Заев, пак, е непоколеблив во намерата.
– Сега треба да се концентрираме на работите што претстојат, а кои се мошне битни за државата, како пописот и економското заздравување од ковид-кризата – одговори вчера Заев на намерата на опозицијата да го спречи пописот.
И амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз, смета оти треба да се направи попис.
– Имаме доверба, имаме очекувања дека пописот ќе се изведе професионално и ќе се користи за прибирање прецизни податоци што ќе се користат за јавни политики, како и да се привлечат инвестиции, кои се неопходни за вашиот раст. Мило ми беше што Законот за попис на населението помина на Собрание и тоа се случи со поддршка на некои од членовите на опозицијата. Тоа има критична функција. Како што знаете, во вашата земја не е извршен попис цели 20 години. Недостигот од точни податоци на населението правењето јавни политики го чини многу тешко. Од наша гледна точка, важно е да се изврши попис и да се оди понатаму, како статистичка практика, а не политичка, но креаторите на политики располагаат со такви алатки – истакна амбасадорката.