Многу скоро во Центарот за управување со кризи во Скопје наместо досегашниот број 195, кој треба да згасне, ќе профункционира единствениот универзален број 112, кој автоматски ќе ѕвони во сите институции што ќе треба да пратат екипи до местото на каква било несреќа. Наредната година овој телефонски број ќе профункционира и во регионалните центри во Куманово, Штип, Тетово, Битола, Охрид, Струмица и во Велес

Во Скопје ќе профункционира универзален број за пријавување несреќи

Многу скоро во Центарот за управување со кризи во Скопје ќе профункционира таканаречениот универзален европски број за итни повици 112, кој автоматски ќе ги информира институциите што ќе треба да пратат екипи до местото на опасноста – несреќата, како што се службите за итна помош, полиција и пожарна. Во овој момент пренесувањето на известувањата од постојниот број на Центарот за управување со кризи – 195, кон овие служби за итни повици, 192,193 и 194, се работи мануелно и оваа практика ќе биде надмината и осовременета во согласност со постојните европски стандарди. Со новата опрема и средства ќе се скрати времето на пренесување на известувањата и постојаните потребни контакти помеѓу овие служби. Штом ќе се вклучи универзалниот број ќе се исклучи досега постојниот број 195 на територијата на државата. Следната 2021 година е планирано овој број да профункционира и во другите регионални оперативни центри во Куманово, Штип, Тетово, Битола, Охрид, Струмица и во Велес. Откако и тие ќе бидат ставени во функција, европскиот број за итни повици Е-112 за брза реакција ќе биде комплетен. Автоматското вклучување на универзалниот број 112 се подготвува и со помош и во соработка со канцеларијата на ЕУ во Скопје. Целосното и комплетно имплементирање се очекува откако ќе помине техничкиот прием на средствата и опремата што ќе бидат инсталирани.

– Проектот и реализацијата на европскиот број за итни повици Е-112 и брзата реакција се одолжија поради политичките настани што се случуваа во изминатиот период кога не беше можно да се носат одлуки за негова реализација. На ова се надоврза и пандемијата. Проектот претставува и приоритетна задача на државата и неговата реализација е важна цел. Од друга страна, постоењето на еден ваков систем за нас значи и приспособување кон ЕУ-стандардите и затоа се надеваме и сметаме дека до 2021 година универзалниот телефонски број 112 ќе биде комплетно ставен во функција – вели Ферик Бељули, шеф на кабинетот на Агрон Буџаку, кој е директор на Центарот за управување со кризи.
Постоењето на единствениот универзален телефонски број 112 на кој и сега може да се пријави каква било несреќа, подоцна ќе може автоматизирано и на повеќе јазици да ги активира надлежните институции, кои во најкраток можен временски интервал ќе пристигнат на местото на несреќата за интервентно и стручно да дејствуваат.

Овој број ќе придонесе и за поголема ефикасност при дејствувањето при какви било несреќи. За реализација на овој систем во ЦУК се работеа програми според НИЦС – систем за командување со инциденти, а се реализира и обука на членови од разни институции. Системот ќе помогне во координација на несреќи, нешто што недостигаше кога се случи сообраќајната несреќа во Ласкарци. Како што и тогаш по несреќата кажаа од ЦУК навистина недостига координација на сите институции што би требало да се вклучат кога се во прашање големи несреќи како таа. Затоа мора да се воспостави систем за менаџирање на безбедноста, за да не ни се случи утре пак некој да загине или да умираат луѓе поради некоординација.