Фото: Игор Бансколиев

Здравствените експерти предупредуваат дека во идниот парламентарен состав пратениците треба да седат преку едно столче во просториите, секогаш да носат маски, но и да не говорат, бидејќи така се зголемува ризикот од ширење на заразата. Замислете ако еден пратеник зарази цела пратеничка група, небитно е дали на опозицијата или на власта, тогаш целата таа група ќе мора да оди во самоизолација и во тој период ние ќе имаме нефункционален парламент, велат нашите соговорници

ЗАКОНОДАВНИОТ ДОМ ПРЕД МНОШТВО ПРЕДИЗВИЦИ ПОРАДИ КОВИД-19

Од изборите на 15 јули треба да произлезе нов пратенички состав, кој би требало да се состане на инаугуративна седница непосредно по изборите. Но како практично ќе функционира законодавниот дом во услови на потенцијална опасност од експанзија на коронавирусот. Собраниските столчиња се прилепени едно до друго, без можност за одржување дистанца за време на собраниските седници. Бројот на столчињата е исто така ограничен на 120 и неможно е да се седи преку едно столче бидејќи на тој начин во салата не би можеле да бидат присутни сите избрани пратеници.
И мноштвото собраниски комисии работат и се состануваат во затворен простор, каде што ризикот од евентуално ширење на вирусот не е за потценување. Сите овие предизвици и дилеми бараат адекватен приод и секако мислење и од здравствените експерти, за непречено функционирање на законодавниот дом, но истовремено и минимизирање на опасноста од ширење на вирусот.

Упатените во работата на Собранието, но и здравствените експерти, се согласни дека со сигурност пред Македонија претстои бурен период во кој треба да се усогласи работата на Собранието со безбедносните протоколи за заштита на здравјето и на пратениците, но и на собраниската администрација.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за „Нова Македонија“ вели дека со оглед на состојбите и ако се земат предвид сите критериуми за заштита на здравјето, парламентот ги има неопходните минимални услови за да функционира во согласност со законите и Деловникот.
– Во нашите објекти, кои се проширени и надградени, има вкупно 204 места на кои со соодветна дистанца безбедно можат да седнат 120-те пратеници. Ние ги имаме и техничките услови и процедурални протоколи за да ја свикаме конститутивната седница по изборите, но и понатаму да продолжи нормалната работа во вакви услови на живот со вирусот. Безбедносните протоколи за заштита на здравјето на пратениците ќе се почитуваат не само во собраниската сала туку и во ходниците и во сите простории каде што треба да се сретнуваат парламентарните комисии.

Комисиите ќе можат да работат во зградата во владината сала и во уставната сала, кои физички ги задоволуваат потребите за поголем простор и одржување дистанца. Дополнително, во парламентот веќе имаме спроведено и јавна набавка на средства за хигиена и за дезинфекција за да можеме подготвено да го дочекаме терминот за почеток на работата – вели Џафери.
Спикерот на парламентот додава дека, сепак, во целиот контекст на работа на Собранието ќе мора да се предвидат и да се спроведат активности, кои ќе бидат соодветни со Деловникот и со законите, но сигурно нема да бидат како во минатото пред пандемијата.
– Имено, гласањето во комисиите и во Собранието ќе се спроведува на законски предвидените начини, со дигање раце и со броење на гласовите со компјутерскиот систем, со системот за видеонадзор или преку евиденција на службениците. За жал, ние во Деловникот и во законот, па дури и од техничка смисла на зборот немаме сѐ уште можност за онлајн гласање, па мора да се придржуваме кон правилата што постојат во земјата за овие состојби – вели Џафери.

Тој резимира дека, паралелно со состојбите, преставниците на минатиот парламентарен состав, но и на идниот ќе бидат и во редовен контакт со надлежните министерства со кои ќе се координираат сите наредни чекори во зависност од тоа како ќе прогресираат здравствените состојби на терен со актуелните случувања.
Во меѓувреме, универзитетскиот професор на Медицинскиот факултет Никола Пановски вели дека работата на Собранието по изборите навистина ќе биде огромен здравствен ризик, но и предизвик.
– Во правец на заштита на здравјето на пратениците, ќе треба многу да се внимава на здравствените протоколи додека се спроведуваат и најобичните секојдневни активности на парламентот. Според мене, би требало во идниот парламентарен состав пратениците да седат во салите преку едно столче во просториите, секогаш да носат маски, но и да не говорат бидејќи така се зголемува ризикот од ширење на заразата. Треба строга дезинфекција при влез и излез од сите простории на парламентот, па дури и во тамошните ходници – вели Пановски.

Натаму, објаснува професорот, пратениците најверојатно би требало да функционираат како фудбалерите во светот, кои додека ги играат мечевите за своите тимови под закана на пандемијата, редовно на неделна база неколкупати се тестираат за ковид-19.
– Со тоа се намалува ризикот за да заболат преостанатите спортисти во некој тим и по тоа правило би требало да дејствуваат и идните парламентарци. Замислете ако еден пратеник зарази цела пратеничка група, небитно е дали на опозицијата или на власта, тогаш целата таа група ќе мора да оди во самоизолација и во тој период ние ќе имаме нефункционален парламент, затоа што може и практично да ни се случи да немаме претставници на опозицијата или на власта. Што во суштина е и уставен проблем бидејќи нема да може Собранието да функционира нормално и да носи закони – вели Пановски.
Тој советува дека онлјан гласањето е најбезбедниот начин за делување на парламентот и одржувањето на седниците треба да биде на отворен простор, но во праска тоа според Пановски не е изводливо.

Професорот вели дека, според неговото размислување, свечената конститутивна седница е најголемиот ризик по изборите, бидејќи на таа средба освен парламентарците присуствуваат и верските лидери, дипломатскиот кор и новинарите.
– Па во тој контекст ќе мораат властите да импровизираат и да најдат креативни и безбедни начини како да имаме законски функционално собрание, кое ќе ја извршува должноста за која гласале граѓаните. Но ако се потсетиме на досегашните случувања во парламентот може слободно да прогнозираме дека сето тоа ќе биде исклучително комплицирана работа – подвлекува професорот.


Дилеми и за работата на Европскиот парламент

Во контекст на актуелните случувања за забележување се настаните што изминатиов период се актуелни во Европскиот парламент (ЕП), кој се соочува со голем број предизвици како да го спроведе гласањето на европратениците.
Во своја анализа на темава, американскиот магазин „Политико“ пишува дека во Брисел се води политичка битка за избор на електронска апликација, која ќе овозможи безбедно гласање од хакирање на избраниците во ова европско тело.

Според наодите на весникот, најверојатно во работата на ЕП ќе се користи апликацијата за гласање изработена од компанијата „Епл“, но тоа наидува на отпор од европратениците, кои имаат дилеми за потпишување договор за оваа намена само со една приватна компанија, која би можела во иднина да диктира одредени услови што би ги ставила во несакана положба европските институции.

Во изјава за весникот, Марсел Колаја, кој е член на партиите од десницата во парламентот. вели дека иднината на европарламентот не треба да се остави во рацете на приватна фирма туку треба да се изгради информациски електронски систем, кој ќе биде уникатен за Европа и ќе произлегува од телата на ЕП.

[email protected]