НОВАЦИ

Општина Новаци од Министерството за животна средина за реализација на еколошки проекти ќе добие вкупно 5.154.590 денари. Станува збор за средства остварени по основа на надоместок за производство на eлектрична енергија од фосилни горива, како наменски дотации и од Програмата за унапредување со животната средина во однос на влијанието од енергетскиот сектор во Општина Новаци.
Деновиве градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски, го потпиша Договорот за доделување средства со Министерството за животна средина и просторно планирање. Овие средства ќе бидат искористени за финансирање седум еколошки проекти, велат од локалната самоуправа на Новаци. Тие проекти се: изградба на тротоари во с. Далбеговци, изградба на тротоари во с. Долно Агларци, изградба на атмосферска канализација во с. Горно Агларци, изградба на пешачка патека во с. Старавина, изградба на тротоари во с. Градешница, изградба на брана во с. Брод, партерно уредување во с. Живојно.
За сите овие планирани проекти веќе во тек се тендерски постапки и истите тие ќе бидат реализирани во текот на летната градежна сезона.
– Средствата во голема мера ќе ни помогнат да ги подобриме условите за живот на жителите од неколку села. Проектите се веќе изработени и по завршувањето на тендерската постапка ќе почне реализацијата на проектите – вели градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.