Нам ни требаше долго време, барем навидум, да се ослободиме од својата национална депресија, дефанзива и инфериорност. Тој наш кобен национален менталитет да се
потпираме на други, или пред сè на други, како некоја сенка не престанува да нè следи. Однесувањето според други директиви нè принудуваше и сѐ уште нè принудува да го потиснуваме своето македонско гледиште изградено врз основа на својата сопствена памет и на своето сопствено паметење. Време е властодршците да
застанат зад ова гледиште

Долго време се думав дали воопшто да пишувам за моќта и етиката, за достоинството и самопочитта. Зошто воопшто да пишувам ако тоа не допира до народните и политичките претставници, до оние што својата општествена и политичка моќ за дејствување треба да ја базираат на висока етичност, достоинство и самопочит? Во „Посланието“, Блаже Конески во поетска форма вели дека, тука, на македонскава земја се живеело со илјадници години, дека одовде тргнал походот до Инд; по Виа Егнација, Цицерон одел во прогонство во Солун; блиску до Драма призракот на Цезар му се јавил на Брут; во Тивериопол се посветиле земните маченици; Наум соградил манастир на извирот на Белото Езеро. Оваа земја го крепела и Марка Кралета и низ униженијата што ѝ се нанесувале стигнала до зрелоста. Но дали навистина стигнала до зрелоста? Периодот од 2017 година до денес, во една неодамнешна колумна во „Нова Македонија“, го нареков период на понижена, или со зборовите на Блаже Конески, унижена држава, притоа искрено верувајќи дека веќе не можеме подолу. Но, за жал, сите показатели, катадневно, покажуваат дека ние уште тонеме!
Голем дел од творештвото на филозофот Џорџо Агамбен, од неговото обемно дело „Homo sacer: Суверена моќ и гол живот“ до неодамнешното „Каде сме сега? Епидемијата како политика“, се однесува на врската помеѓу моќта и етиката. Агамбен ги поврзува проблемот на можноста, потенцијалот и моќта со проблемот на политичката и општествената етика во контекст каде што втората ја губи својата претходна верска, филозофска, метафизичка и културна основа. Поаѓајќи од анализата на биополитиката на Мишел Фуко, Агамбен со голема широчина, интензитет и острина го истражува имплицитното присуство на идеја за биополитиката во историјата на традиционалната политичка теорија.

Тој тврди дека од најраните трактати за политичката теорија, особено во поимот на Аристотел за човекот како политичко животно, и низ историјата на западното размислување за суверенитет, поимот за суверенитет како моќ над „животот“ е имплицитен. Во еден неодамнешен кус текст, Агамбен ќе напише дека една од последиците на пандемијата на заразата ковид-19 е „сегашната фаза на глобализираниот капитализам“ што „ги комбинира најнехуманите аспекти на капитализмот со најстрашните аспекти на државниот комунизам, комбинирајќи го екстремното отуѓување на односите меѓу луѓето со невидена општествена контрола“.
Ако „современик е оној што гледа во своето време, не за да ја согледа светлината, туку темнината“ (Агамбен), тогаш што се однесува до ЕУ, приказната за Македонија е одамна завршена. Повеќепати сум пишувал, и други пишувале, така што заклучоците за таквото сценарио полека се собираат и таложат. Во тој контекст, би потцртал дека, во името на Европската комисија, меѓународна услужна установа направи, пред неколку месеци, визионерска студија на Западен Балкан, со цел да креира регионални и национални сценарија за 2035 година што ќе бидат кокреирани заедно со заинтересирани страни од приватниот сектор, граѓанското општество, академските кругови и владите. Во студијата од ЕУ, насловена „Западниот Балкан во 2035 – иднината во четири сценарија“, јасно се укажува дека до 2035 година нѐ нема во ЕУ, а и за понатаму неизвесноста е голема. Се прашувам, дали нашиве политичари се тотални марионети, водачи од расказот на Радоје Домановиќ, за што веќе пишував во „Нова Македонија“, или конечно ќе почнат да размислуваат самостојно и во согласност со фактичките политики на ЕУ и/или другите големи империи.
Можеби, глобалните/ЕУ/регионалните предизвици за нас, во Македонија, во моментов, се помалку важни. Меѓутоа, изминатите неколку недели сме сведоци и на поткопување/разнишување/уништување на општествениот систем при справувањето со националните предизвици поради катадневните изливи на моќта во отсуство на политичка, општествена и човечка етика.

Тоа што се случува во моментов во Македонија е невидена деградација на сите вредности, понижување од невидени размери, дно на дното. Слушам, читам, се прашувам и се чудам, и така до недоглед. Проверувам повеќепати: дали е можно, дали е точно тоа што го слушам и читам. Не можам да поверувам! Повторно, Блаже Конески: „Оваа земја го крепела и Марка Кралета. / И сепак, зар не доживеала таа униженија? / Зар можело без тоа до зрелоста?“ За жал, нашето секојдневие упатува на тоа дека Македонија е со милениуми далеку од зрелоста. Во спротивно, како е можно тие зборови да се проговорени, изречени, кажани јавно од кој било, а посебно од еден државник! Како е можно? Но кога ќе размислам, тоа е единственото нешто што може да се очекува од властољупците, измамниците и подлизурковците. Тоа што се случува ме потсети на почетниот параграф од кусиот расказ „Сонот на смешниот човек“ од Достоевски: „Јас сум смешна личност. Сега ме викаат лудак. Тоа ќе беше унапредување ако не беше дека јас останувам толку смешен во нивните очи како порано. Но, сега не се бунам, тие ми се драги сега, дури и кога ми се смеат – и, навистина, токму тогаш ми се особено драги“.
Нам ни требаше долго време, барем навидум, да се ослободиме од својата национална депресија, дефанзива и инфериорност. Но сегашните властодршци покажаа дека ние, всушност, никогаш и не сме се ослободиле. Тој наш кобен национален менталитет да се потпираме на други, или пред сè на други, како некоја сенка не престанува да нè следи. Однесувањето според други директиви нè принудуваше и сѐ уште нè принудува да го потиснуваме своето македонско гледиште изградено врз основа на својата сопствена памет и на своето сопствено паметење. Време е властодршците да застанат зад ова гледиште.

Во „Понижени и навредени“, Достоевски ќе рече: „Ако сакате да бидете почитувани од страна на другите, првенствена работа е да се почитувате себеси – на тој начин, со самопочит, ќе ги принудите другите да ве почитуваат“. Во спротивно, би останале понижени и навредени до крајот на вашите животи. Во годината кога се слави 100 од раѓањето на првиот претседател на МАНУ, Блаже Конески, уште еднаш да се потсетиме на неговиот аманет: „Послушајте Македонци, за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот ни претставува единствена наша комплетна татковина“. Но, денес, нас ни треба уште еден аманет: Послушајте Македонци, за нас достоинството и самопочитта се нераскинлив дел од нашата единствена татковина. Па затоа, нив – достоинството и самопочитта, треба да ги чуваме и да ги негуваме, оти само така ќе одиме напред, инаку, ќе изумреме, ќе исчезнеме, ќе нѐ снема за навек.