Политички надмудрувања преку прес-конференции се случуваат во Тетово на тема доградба на гимназијата откако лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека партијата ќе се откаже од средствата за референдум за да се пренаменат за училиштето. За гимназијата потребно е да се догради објект каде настава би следеле паралелките на македонски јазик кои минатата година учеа во објектот на старото медицинско училиште.

Прво реагираа од општинската организација на СДСМ Тетово кои сметаат дека ваквите изјави на лидерот на опозицијата се лицемерие и несериозност.

-Јавноста памети дека до пред само 8 месеци ВМРО ДПМНЕ беше на власт во Тетово, а последователно 10 години во Македонија и дека секоја изборна програма ветуваше, а не направи училишна зграда за гимназијата. Нека не се грижат ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски за гимназија, има решение и тоа ќе се реализира. Ќе има надградба и доградба на постојната зграда со што ќе се реши проблемот со недостиг на доволно простор. Одобрение за градба има, се надеваме дека во септември ќе започне со реализација на проектот-истакна на прес конференција, Бобан Видоески, претседател на ОО СДСМ Тетово.

Од општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ исто така преку прес-конференција реагираа сметајќи дека претседателот на општинската организација на СДСМ од Тетово изнел невистинити и непрецизни изјави кои се спротивни од изјавите на премиерот Зоран Заев и градоначалничката Теута Арифи.

-Премиерот и градоначалничката во октомври минатата година кои ветија дека градежните работи ќе почнат оваа пролет која веќе измина и објектот ќе биде ограден или изграден или дограден до крајот на оваа година. Затоа бараме општината, Министерството за образование и Владата веднаш да ја достават на увид планската и градежна документација и дозвола за предвидени градежни работи доколку постојат. Бидејќи според претседателот на ОО СДСМ градежните работи ќе започнат во септември односно за два дена-истакна Александар Велјановски од ВМРО ДПМНЕ.

Според директорот на гимназијата Намикќемал Мустафа градење во септември не може да има. Потребно е да се завршат сите процедури.

-Најава за градба немам никаква, процедурите ги знаете. Јас не сум информиран дека има одобрение и дека има средства за градба. Ќе ги имам тие информации откако ќе се реши на ниво на Министерство и општина. Сметам дека градењето во септември е голем прашалник. Премиерот беше гостин во школото, рече дека ќе се гради, одобрение ќе има за градба. Од Министерство бараа детали и јас мислам дека додаток на старата зграда ќе се реализира. Изработени се одобренија, проект и сите тие работи, таа градба не е комплицирана, може да се реализира бргу по мене. Добро е што ќе се сконцентрираме во еден објект и ќе намалиме трошоците зошто сега трошиме во две згради-рече директорот Мустафа.

Гимназијалците на македонски наставен јазик новата учебна година повторно ќе ја започнат во објект на старото медицинско училиште што минатата година беше реконструиран.