Фото: Игор Бансколиев

Љубовта како длабока емотивна наклонетост и силно чувство кон татковината е суштина за здружувањето, но нам како да ни недостига оваа егзистенцијална љубов и затоа немаме држава во вистинската смисла на зборот. Денес, кога сите национални особености на Македонецот се потценуваат и негираат, помирувањето и здружувањето имаат суштинско значење – ќе нѐ биде или нема да нѐ биде. Доколку не се случи ова, тогаш искажувањата на еден мој пријател дека македонската држава и нација никој не ги љуби, а затоа и не ги заслужуваме, ќе се потврдат

Кога нацијата се соочува со егзистенцијална закана, сосема е природно да се испрати порака за помирување, затоа што само на овој начин се обединуваат сите чинители на татковината и се создава заедништвото што води кон решение на тешкотиите. Но заедништвото, како што вели Цицерон, се создава со заемно давање и примање добродетелства, кои сѐ додека се заемни и пријатни, ги соединуваат луѓето. Затоа мора да потсетиме дека заедништвото не се гради со заткулисни игри, сплетки и интриги.
За оние што знаат да дофрлат „зошто ги цитирате старите римски државници, како да станува збор за некаква небулоза“, да потсетиме дека Западот како култура и цивилизација е наследник на старата римска држава. Не случајно американскиот сенатор Роберт Берд одржа четиринаесет предавања за Римската Република во Горниот дом на Конгресот. Впрочем, нели, како општество, држава и нација се стремиме кон Западот и затоа редно време е да се однесуваме како Западот, или не?
Од независноста па до денес, државата и нацијата неколкупати се соочија со големи тешкотии и искушенија, но и покрај сѐ нашата политичко-општествена елита никогаш не најде заеднички јазик за да се обедини. Така постапивме со концептот за приватизација во 90-тите од 20 век, кога немавме консензус, истото тоа се повтори со признавањето на Тајван во 2001 година, Законот за територијална поделба на Македонија во 2004 година, грчкото ветото во 2008 година, проектот „Скопје 2014“, Договорот за добрососедство со Бугарија, Преспанскиот договор, референдумот во 2018 година, промената на уставното име на Македонија и сѐ така до бесконечност! Сосема е нормално да се запрашаме која е причината за тоа.

Одговорот ни го дава Цицерон, кој вели дека кога човекот разумно ќе размисли, може да согледа дека од сите здружувања, ниедно не е поважно и ниедно не е помило од она што секого од нас го поврзува со државата. Меѓутоа, тој не завршува тука и продолжува со следната мисла: „Мили ни се родителите, мили ни се децата, роднините, пријателите, но сите нешта што им се мили на сите луѓе ги опфаќа единствената татковина; кој добар човек се двоуми дали своеволно и храбро да умре за неа, ако тоа нејзе ѝ носи полза?“
Со други зборови, за да се создаде национално и политичко заедништво е потребна љубов кон нацијата, државата и татковината. Љубовта како длабока емотивна наклонетост и силно чувство кон татковината е суштина за здружувањето, но нам како да ни недостига оваа егзистенцијална љубов и затоа немаме држава во вистинската смисла на зборот. Денес, кога сите национални особеностите на Македонецот се потценуваат и негираат, помирувањето и здружувањето имаат суштинско значење – ќе нѐ биде или нема да нѐ биде. Доколку не се случи ова, тогаш искажувањата на еден мој пријател дека македонската држава и нација никој не ги љуби, а затоа и не ги заслужуваме, ќе се потврдат.

Сѐ додека личните и партиските интереси ни се патоказ, тогаш интригите и клеветите ќе бидат наше секојдневие. Но таков ни е моралот, такви ни се делата. Да потестиме по стоти пат дека овој поглед на нештата е најголемото злосторство кон татковината. На крајот на краиштата, од нас зависи дали ќе преживее или не македонската нација со сите нејзини атрибути или ќе учествуваме во создавањето на новата северномакедонска нација, каде што нема место за Катедрата за македонски јазик и за Институтот за македонска историја.
Далеку од тоа да идеализираме, политиката е анархична состојба – војна на сите против сите, во која човек на човека му е волк. Впрочем, самиот Цицерон со заткулисни игри го уништи Катилина, но тоа го стори за да ја зачува државата. Во политиката сите средства се дозволени, но тие треба да бидат во полза на татковината и нацијата, а не за лични и теснопартиски интереси.
Да завршиме со Марк Тулиј Цицерон, кој вели: „Искористувањето на државата за свои лични цели не е само срамно туку е и злосторство и расипаност.“