Најголемиот проблем во односите со Северна Македонија се недоволните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство, истакна бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за германскиот јавен сервис „АРД“, додавајќи дека Софија нема да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори се’ додека тие гаранции не станат дел од преговарачката рамка.

 Меѓу гаранциите треба да биде и признавањето на „историската вистина“, како што ја формулира Захариева притоа алудирајќи дека во државната политика на Македонија се уште владеат „тоталитарни методи“.

– Бугарија сака да биде признаена историската вистина. Тоа не беше проблем за Северна Македонија кога се потпишуваше договорот – тоа заедничко минато кое треба да не поврзува, а не да не разделува. Ние не велиме, овие херои се само наши. Ние велиме, тоа се заеднички херои. Тоа е модерно размислување на две земји, особено доколку сакаат да бидат заедно во ЕУ. Не може секојпат кога некој во Северна Македонија јавно ќе каже дека некој од овие херои бил Бугарин, да биде јавно линчуван – истакна Захариева, која изнесе и забелешка што се однесува на историските учебници во Македонија.

„Во учебниците во Северна Македонија Бугарите се уште се претставени како фашисти. Како би се чувствувале вие, кога 75 години по војната некој се уште би ве претставувал како фашист?”, вели Захариева.

Бугарската министерка образложи и потребата од вметнување на бугарските барања во преговарачката рамка, иако тоа беше одбиено од актуелниот претседавач со ЕУ, Германија.

– Не сакаме да ја блокираме Северна Македонија. Но доколку во преговарачката рамка немаме никакви гаранции, невозможно е да се каже да. Доколку нашите предлози бидат ставени за дискусија во преговарачката рамка, Бугарија ќе биде во можност да каже да – посочи Захариева во интервјуто за „АРД“.