Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева тврди дека позицијата на Бугарија кон Македонија нема никаква поврзаност со изборите во нивната земја.

Во интервју за „24часа.бг“ таа рече дека бугарската позицијата по ова прашање е едногласно усвоена со декларација во парламентот, а 83,3 отсто од анкетираните Бугари, ја поддржуваат блокадата за Македонија во Европската Унија, сѐ додека не се постигне договор за историското минато.

– Недамнешните постапки на Скопје не ни даваат многу причини за оптимизам. Нивниот евровизиски кандидат доби повеќе од 400 закани по животот оти рече дека имал бугарско државјанство. Дали е нормално во 21 век да не можете да кажете дека сте државјани на две земји? Или да стане збор за елиминирање од изборот поради тоа? Сѐ уште немаме објаснување од Скопје зошто нашето Министерство за надворешни работи треба да бара дозвола за увоз на бугарски книги. Тие сакаат да бидат членка на ЕУ, а не сакаат донација на книги од земја-членка. Да не ја споменувам кампањата за клевета против нас од страна на невладина организација во Словенија, тесно повзана со Владата во Северна Македонија – рече Захариева.