Екатерина Захариева

Бугарската влада го одобри предлогот за почеток на разговори за членство во ЕУ со Македонија и Албанија, објави вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, јави БГНЕС.

Владата го усвои пакетот за проширување што ги опфаќа сите услови на Бугарија за Македонија.

– Ние ќе инсистираме на пристапување на Република Северна Македонија и Албанија во Европската Унија во пакет – рече Захариева, додавајќи дека раздвојувањето на двете држави би било грешка што исто така би можела да доведе до нестабилност во регионот.

Од друга страна, министерот за одбрана, Красимир Каракачанов, ја повтори својата теза дека Бугарија го поддржува членството на Македонија, но не безусловно.

– Историјата не може да биде компромис – истакна Каракачанов.

Тој рече дека ќе настојува на категорична промена во македонските учебници и програми и дека ова е постојан услов.

– Сакам да појаснам дека има јасно обележана фаза во позицијата на Бугарија. Нашата земја еден ден ќе се согласи на вистинското пристапување на Репубика Северна Македонија само кога ќе ги исполни сите критериуми на поглавјата за преговори. Бугарскиот став е јасен. Бугарија нема да ја спречи Македонија сега да ги почне преговорите. Но, пред да почнат вистинските разговори, има неколку фази, вклучително и две меѓувладини конференции. Јасно е наведено во нашиот став дека дури и пред да биде закажана првата меѓувладина конференција, Македонците мора да исполнат голем број услови – објасни Каракачанов.

Меѓу условите е и завршувањето на работата на Меѓувладината комисија за историја, рече вицепремиерот.