Фото: Игор Бансколиев

Европската Унија мора да покаже поголема ангажираност во земјите од Западен Балкан, за да ја стимулира нивната евроатлантска интеграција, порачаа бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија и специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан на средбата во Софија.
– Граѓаните во земјите од Западен Балкан треба да почувствуваат што прави Европа за секој од нив поединечно – рече Захариева.

Таа истакна дека бугарската надворешна политика е исклучително фокусирана на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, не само затоа што шесте земји се непосредни соседи на Бугарија туку и затоа што е важна за просперитетот и безбедноста на целата Европска Унија.
Како што јави БГНЕС, Захариева и Палмер изразиле разочарување од одлуката на Европскиот совет да не одреди датум за почеток на преговори за членство со Македонија и со Албанија.

Двајцата се согласиле дека таквата одлука е неопходна, колку што е можно побргу, во рамките на хрватското претседателство на Советот на ЕУ, затоа што е важно за довербата и популарноста, кои ЕУ и евроатлантските вредности ги имаат не само во овие две држави туку и во целиот регион на Западен Балкан.