Бугарската дипломатија не може да си дозволи да води политика на оцрнување на друга земја, за која, за жал, гледаме дека ја води Скопје. Ние сме земја-членка на Европската Унија. Ова го изјави за БНТ вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева по повод сè уште отворените прашања со Македонија, кои се на дневен ред.

– РС Македонија ќе има место во Европската унија кога ќе биде подготвена. Во моментов Бугарија не смета дека е подготвена – вели Захариева.

Како што пренесува БГНЕС, Бугарија продолжува да биде поддржувач на проширувањето на членството во ЕУ. Според Захариева, властите во Скопје погрешно процениле дека Бугарија може да се „притисне“ и да се смени позицијата.

Таа ја советува земјава да не се откажува од првата тешкотија со која се соочуваат на патот – одобрувањето на Рамката за преговори.

– Тешкотиите допрва следуваат, процесот не е лесен. По тој пат тргна и Бугарија. Потоа, кога страстите ќе стивнат, вклучително и во Бугарија, и некој ќе почне да размислува помалку емотивно, кога ќе престане да се придржува кон градење на држава заснована единствено на антибугарската идеологија – тогаш тие ќе добијат многу повеќе. Од вистината не може да се избега – додава Захариева.

Захариева вели дека ќе оди во парламентот и ќе одговори на прашањата поставени од пратениците за Македонија, откако минатиот петок нејзиното учество беше одложено поради патување во странство.