Во атмосфера на затегнати односи меѓу земјите-членки, на првиот ден од самитот на НАТО во Брисел, Македонија ја очекува одлуката за поканата за членство, која, пак, според најавите, денеска и формално ќе му биде врачена на премиерот Зоран Заев.
Во меѓувреме, претпоставките се дека патот или процедурата до полноправно членство на Македонија во НАТО би се движеле меѓу една и две години, но само под еден услов – претходно да се испочитува сето она што е содржано во спогодбата со Грција. На одреден начин, според аналитичарите, ова претставува своевидна уцена кон македонскиот народ и држава да прифатат сѐ што пишува во спогодбата и пред најавениот референдум, кој сега се претвора во најобична фарса.

Со ваквите условувања, кои доаѓаат директно од врвот на НАТО, практично се минираат и најавите за идно демократско изјаснување на граѓаните на референдум во врска со ова прашање. Притоа НАТО целосно се идентификува со Грција и со нејзините барања во врска со спорот за името, наспроти долгогодишните реални заслуги и достигнувања на Република Македонија во исполнувањето на сите критериуми потребни за членство во воениот сојуз. Ова во својата последна изјава практично го најави и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рече дека очекува по договорот со Грција, земјава да биде поканета да почне со преговори за членство во НАТО.
На самитот нашата држава ја претставува владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, кој во Брисел пристигна од самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон, каде што изјави дека очекува покана во НАТО.

Имено, во интервју за грчката телевизија АНА-МПА, премиерот Заев рече дека по самитот на НАТО, сите партии заеднички во Собранието ќе ги утврдуваат деталите за најавениот референдум. Тој изразил оптимизам за неговиот исходот и апелирал сите политички фактори во Македонија да придонесат за негово успешно спроведување. Заев изјавил и дека по референдумот би имало временска рамка од 90 до 110 дена потребни за правење на промените во Уставот и изразил очекување дека процесот би можело да заврши кон средината на јануари следната година, по што, ако целиот процес е успешен, ќе остане верификација на договорот од страна на грчкиот парламент.
И министерката за одбрана Радмила Шекеринска, непосредно пред самитот на НАТО во Брисел, со видеоизјава до граѓаните истакна дека овие два дена Македонија ќе седне на иста маса со светските велесили.
Во меѓувреме, во текот на вчерашниот ден, MИА ги објави нацрт-заклучоците на самитот на НАТО, кои предвидуваат дека Македонија денеска ќе добие покана за членство во Алијансата и за зачленување по заокружување на сите внатрешни процедури.

– Во 2008-та одлучивме дека НАТО ќе ѝ додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом ќе се најде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името. Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме Владата во Скопје да започне преговори со Алијансата. Целосна имплементација на сите предвидени внатрешни процедури во однос на договорот за решение на спорот за името е услов за успешно заокружување на пристапниот процес – стои во нацрт-заклучоците што ги пренесе МИА.
И германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, на првиот ден од самитот изјави дека е уверена оти Македонија денеска ќе добие покана за НАТО и најави дека планира наесен да ја посети земјава.