Фото: Дарко Андоновски

Како е можно обвиненија за кривични дела за отштета на државата за милионски суми да застаруваат по одреден рок, додека предмети за неплатен долг за комунални услуги на граѓаните речиси и не застаруваат. Можен ли е двоен аршин и оценување на правниот инструмент застареност на делото и какви се можностите за манипулација, односно намерно да се кочи постапката или да се држат случаите во фиока за да застарат. Во таа насока, чија е одговорноста доколку дошло до застарување на одредено незаконско дејство, со што се оневозможени спроведувањето на правдата и функционирањето на правната држава. За сите овие дилеми и прашања побаравме одговори и мислења од стручната јавност

Застарувањето на кривичното дело во случајот „Траекторија“ за поранешниот премиер Никола Груевски, освен реакции со политички контекст, создаде и вџашеност во јавноста предизвикана од споредбата со големиот број драматични искуства на граѓаните создадени токму поради контрадикторното спроведување на поимот застареност во правниот систем. Речиси инстинктивната реакција на јавноста е содржана во прашањето како е можно обвиненија за кривични дела за отштета на државата за милионски суми да застаруваат по одреден рок, додека предмети за неплатен долг за комунални услуги на граѓаните речиси и не застаруваат. Можен ли е двоен аршин и оценување на правниот инструмент застареност на делото и какви се можностите за манипулација, односно намерно да се кочи постапката или да се држат случаите во фиока за да застарат. Во таа насока, чија е одговорноста доколку дошло до застарување на одредено незаконско дејство, со што се оневозможени спроведувањето на правдата и функционирањето на правната држава. Сите овие дилеми и прашања се наметнуваат, а јавноста и граѓаните очекуваат одговори.

– Имам впечаток дека застареноста како институт во нашиот правен систем многу чудно се применува. Во некои области нејзината примена е речиси драконска (како во случаите за комуналните услуги), додека во други предмети, со поголема финансиска, па и политичка тежина, максимално се користи како олеснителна околност. Таквата контрадикторна практика, која често води и до апсурди, секако претставува удар врз принципот на владеење на правото. Разочарувачки е што таквата практика, која е црно петно на судско-обвинителскиот систем во земјава, не успеа да се искорени ниту во последниве две-три години, иако враќањето на принципот владеење на правото беше од главните ветувања на актуелната власт – вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.

Во однос на конкретната одлука на судот за застарување на кривичното дело во случајот „Траекторија“, Ивановски смета дека обвинителот треба колку што е можно побрзо да се жали и да не дозволи случајот да биде ставен ад акта.
Како политичка реакција на судската одлука за предметот „Траекторија“, со кој всушност од одговорност се ослободува поранешниот премиер Никола Груевски, доаѓа иницијативата на пратеникот Александар Кирацовски. Тој вели дека ќе поднесе предлог-закон со кој кривичните дела сторени од избрани и именувани функционери нема да застаруваат и дека ќе побара поддршка од сите 120 колеги-пратеници да се приклучат кон ова законско решение и во најбрз можен рок тоа да биде изгласано и применето во позитивните законски прописи во државата.

– Политиката е специфична и комплицирана дејност и наука. Понекогаш во неа постојат моменти што треба да ги надминете или избегнете за општо добро, нешта што треба компромисно да ги решавате, но и работи што мора да ги спроведете, мора да ги испорачате и кои не смеете да ги пропуштите или испуштите од вид. Правдата, т.е. нејзиното испорачување, е токму таква работа и насушна потреба во нашето општество! Спасувањето на Груевски од кривичен прогон во случајот „Траекторија“ е токму таква ситуација, која не смее да се дозволи и да се испушти од вид, туку треба да се предвиди и превенира, особено ако се има предвид крајно корумпираното судство (со чесни исклучоци), подготвено да му биде на услуга на бившиот политички кадровик во судскиот систем – смета пратеникот Александар Кирацовски.
Во контекст на иницијативата за незастарување на кривичните дела за политичарите, судијката Оља Ристова препорачува во македонскиот правен систем да се примени хрватското искуство.

– Во Кривичниот законик на Хрватска е внесено дека, доколку функционер стори кривично дело за време на вршење на својата функција, застареноста се прекинува, односно истата таа почнува да тече од моментот на престанокот на функцијата. На ваков начин, речиси не постои можност делото да застари. На пример, доколку министер стори кривично дело за време на вршење на својата функција, застареноста почнува да тече од моментот на престанок на мандатот.

Доколку судија или обвинител сторат кривично дело за време на вршење на својата функција, во тој случај застареноста почнува да тече по констатирање дека ги исполниле условите за старосна пензија. Исто така, Кривичниот законик на Хрватска предвидува и построго казнување за функционери, во однос на други сторители за исти кривични дела, поаѓајќи од фактот дека функционерите треба да имаат поразвиена свест од другите и да служат за пример пред другите граѓани. Време е да се размисли за ваков вид измени и во нашиот Кривичен законик – предлага судијката Оља Ристова.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Контрадикторности и апсурди во практиката

Примената на институтот (не)застареност во судската практика во Македонија предизвикува многу апсурдни ситуации. Уставниот судија Трендафил Ивановски укажува дека, според Законот за облигационите односи, одреден заостанат долг (за комунални услуги) застарува за една, а апсолутната застареност е по пет години. На пример, ако неплатен данок државата не си го побара за три години, се смета дека не си го наплатила барањето и тоа застарува, но и понатаму голем дел македонски граѓани се соочуваат со апсурдни состојби поврзани со наплата на заостанати долгови и со извршители.
– И покрај застареноста на долговите, страната што си ги побарува најчесто го користи моментот дека тужената странка не се повикала на правото на застареност. Апсурдот е дотолку поголем што обично тужениот за застарен долг не е поучен да го искористи тоа право, а најчесто не е ни уредно известен дека е тужен за некој заостанат долг – вели уставниот судија Трендафил Ивановски.