Што точно значи флоскулата „оформување нов дигитален идентитет“, веројатно, на малкумина во ЕУ им е познато, но во случајот и од аспект на Македонија, овој нов момент е особено индикативен и интересен за опсервација. Некои (песимистични) аналитичари дури излегоа со став дека Европејците „повторно дојдоа до израз со внесувањето во игра на нов бенчмарк или услов за членство во Унијата, насловен дигитален идентитет“!?

Проширувањето на ЕУ ограничено, стандардите за проширување без граници

Во согласност со заклучоците на Дигиталниот самит на Западен Балкан и ЕУ, кој се одржа неодамна во Подгорица, генералниот директор на Генералната дирекција на Европската комисија за комуникациски мрежи, содржина и технологија, Роберт Виола, побара за забрзување на членството во Унијата, државите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да започнат со градење свој дигитален идентитет.
– ЕУ се движи кон следната генерација вакви интерактивни решенија со јавноста, наречен европски дигитален идентитет. Во основа, тоа значи дека од вашиот паметен телефон може да ги потврдите својот идентитет, возачка дозвола, да отворите банкарска сметка, да потпишете договор и да правите сѐ што сакате на многу едноставен начин, преку едноставна апликација. Ние сме среќни да ја споделиме нашата работа со Западен Балкан и концептот на дигитален идентитет да ја претставува основата за развој на следната генерација е-јавни сервиси – изјави Виола.

Дали повторно ЕУ праќа збунувачки пораки за проширување кон регионот

Во светлината на актуелните случувања, странските универзитетски професори и домашните дипломати со кои се консултиравме велат дека збунувачките пораки од ЕУ кон Македонија говорат дека процесот на проширување е во очигледен застој. Тие дури сметаат дека немањето излез од состојбите со бугарската блокада кон Македонија, сега го принудува Брисел да испраќа празни пораки со двојни стандарди до нашата држава.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека процесот за проширување во оваа форма каков што го познаваме за земјите од Западен Балкан, а пред сѐ за Македонија, е закочен до недоглед.
– Она што можам да го кажам ако ги споредиме нелогичните прагми на кои е поставена Македонија, односно од една страна да се откаже од својот историски идентитет, а од друга да започне да формира дигитален идентитет, е дека станува збор за аматерски политики што сега ги практикува Брисел, кога ни самиот не знае како да постапи со неправедната бугарска блокада врз вашата земја. Релациите во иднина, претпоставувам, ќе се одвиваат на начин што ниту една од земјите од Балканот нема де факто да стане членка на Унијата, но истовремено тие преку вакви политики, како формирањето на дигиталниот идентитет, ќе добиваат само одредени права да пристапат економски на пазарот на ЕУ – вели професорот.
Вит резимира дека она што Македонија во овој момент може да го направи е да продолжи да ги имплементира сите економски барања од Унијата до неа, а истовремено земјата не треба да се откаже од политичките заложби за наоѓање решение со Бугарија, кое нема да биде на штета на државата, на идентитетот на нејзиниот народ, посебност, јазик и историја.

И ЕУ се обидува да го дефокусира вниманието од актуелниот проблем меѓу Скопје и Софија

Македонскиот дипломат Драган Јањатов, коментирајќи ги последните случувања, вели дека европските политичари во момент кога не знаат да го надминат проблемот со бугарската блокада на Македонија продаваат „шеќерна водичка“.
– Јас заложбите за креирање дигитален идентитет во моменти кога немаме решение за нашиот национален идентитет во Европа го нарекувам замајување на јавноста. Сето тоа има цел да го дефокусира вниманието од актуелниот проблем меѓу Скопје и Софија и ништо повеќе – вели дипломатот.
Тој посочува дека, најверојатно, целиот регион на Западен Балкан ќе влезе во ЕУ само тогаш кога ќе се затворат сите отворени тешки прашања во него.
– Оттука, мислам дека Македонија ќе треба да почека да се реши судбината на Косово и Босна, па, така, дури со решен спор со Бугарија и во пакет сите земји од Западен Балкан ќе може да се надева за членство во Унијата, а сето тоа ќе се случи за многу години отсега – резимира дипломатот.

[email protected]