Фото: Игор Бансколиев

Колку срамот од заболување од ковид-19 може да е причината поради која одредени граѓани не ги даваат информациите за својата здравствена состојба и ги кријат контактите што ги имале со други лица?
Овие дилеми се актуелни во домашната јавност по зачестените информации на властите дека граѓаните за кои ќе се утврди дека се позитивни на вирусот честопати поради чувство на срам дека се заболени ги кријат контактите на своите блиски и пријателите, со кои биле во интеракција додека траела инкубацијата од вирусот.

Психолозите и докторите со кои се консултиравме велат дека овие состојби се поразителни за нашето општество, бидејќи тие во суштина покажуваат дека и покрај сите напори на власта за едукација на граѓаните за последиците од пандемијата и по долгиот период на изолација на општеството, ние, за жал, сѐ уште имаме одреден број луѓе што се неинформирани за сериозната состојба и за опасностите од болеста.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановска вели дека ваквите состојби, најверојатно, се должат на ниското ниво на информираност кај одредени граѓани во нашата земја и тие единствено можат да се надминат доколку повеќе се едуцираат за целата проблематика.

– За жал, сето тоа е еден поразителен факт, кој покажува дека и покрај сѐ што се случи со болеста во нашата земја, за жал, има одредени групи луѓе, кои воопшто не го разбираат проблемот со кој се соочуваме сите ние како општество – вели Стојановска Јовановска.
Според неа, чувството на срам се јавува кај луѓето како процес на стигматизација, кои се срамат да признаат дека се болни, иако тие самите не се виновни за состојбите.
– Во минатото ваквото ирационално стигматизирање беше препознатливо и кај луѓето што боледуваа од канцерот, од сидата па дури и од психолошките заболувања, но со едукација и на нив и на целото општество сега состојбите не се повеќе такви. Најверојатно истото тоа треба да се случи и со коронавирусот – вели Стојановска Јовановска.
Според неа, овој проблем, кој нѐ погодува сите, би се надминал ако граѓаните дополнително се едуцираат за сите аспекти на болеста, како таа влијае на организмот, како се пренесува и како се лекува.
– За жал, очигледно, оваа едукација ќе биде долга, и во неа треба да се вклучат и властите и медицинските институции во земјата. Дополнителен проблем е што и нашето општество е дискриминаторско, а тоа дополнително влијае врз чувството на срам кај граѓаните што ќе се заболат од ковид-19. Дискриминацијата можеме да ја забележиме секаде и таа најмногу се препознава во фактот дека кај нас не е активен Законот за антидискриминацијата, кој самите си го укинавме како општество – вели Стојановска Јовановска.

Во меѓувреме, микробиологот Никола Пановски причината за зголемениот број заразени во земјава ја лоцира и во непочитување на мерките од дел од населението и во несоодветната реакција на властите, кои треба да се грижат за спроведување на препораките.
Тој истакна дека каде што имаме неинформирани граѓани што веруваат во лаги на социјалните мрежи, кои верува во натприродни сили, а не во наука, мора да се преземат ригорозни мерки бидејќи во спротивно болеста ќе се шири и понатаму.

[email protected]