Фото: Игор Бансколиев

Пленарната собраниска седница, закажана на 9 јануари, на чиј дневен ред е усвојување на амандманите со кои спогодбата со Грција ќе се имплементира во македонскиот устав, како што потврди и самиот премиер Зоран Заев, и вчера беше соочена со неизвесноста поради проблеми со обезбедување двотретинско мнозинство. Иако речиси веќе е спроведен и контроверзниот закон за амнестија на дел од обвинетите за настаните од 27 април 2017 година, со што е обезбедена поддршка од осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев остава впечаток дека сѐ уште води жестока борба за пратенички гласови, овој пат, од албанските партии Беса и Алијанса за Албанците, во која, како што и самиот изјави, е подготвен да стори сѐ до последен момент за да обезбеди двотретинско мнозинство.

– Тоа ќе ѝ го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето, или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста на целиот фокус што го дадовме на интеграциите – објасни Заев.
Таквата изјава на Заев резултира со голем број дилеми, пред сѐ со прашањето до каде навистина е подготвен да оди Заев во преговорите со двете помали албански партии, но и со какви барања, всушност, настапуваат тие. На ваквото маневрирање за двотретинско мнозинство, професорот на Филозофскиот факултет при УКИМ, Љубомир Цуцуловски, гледа како на политичка итроштина, за што пишува и на својот профил на социјалните мрежи.

– Дали сега работите стануваат појасни? Не станува збор за кусок на 4 гласа за да се изгласаат уставните промени. Нив власта ги имаше кога се одлучуваше за отворање на уставните промени, како што и сега ги има. Меѓутоа, мора да се создаде впечаток дека ги нема и дека, токму затоа, мора да се попушти пред барањата на албанскиот политички фактор. Меѓу нив нема да бидат само барањата од тиранската платформа, туку (најверојатно) и уставна промена со која претседателот на државата нема да биде избиран на непосредни граѓански избори (како досега), туку во Собранието. На тој начин, се постигнуваат барем два ефекта. Прво, владејачкото собраниско мнозинство (наместо граѓаните) ќе има целосна контрола над претседателот на државата, бидејќи ќе биде нивен избраник/послушник и, од друга страна, ќе биде сведен на безгласна кралица.

Потоа, со посреден избор на претседателот на државата се овозможуваат и други нешта. Меѓу нив е можноста за претседател да биде избран Албанец, што само по себе не е проблематично, доколку е избран на непосредни избори, а не како резултат на политички пазар/хазард во Собранието. Вториот ефект е во следново: ако претседателот се избира на непосредни избори, тогаш посредно ќе се знае (барем апроксимативно) каков е (во проценти) етничкиот состав на Република Македонија. Бидејќи тоа некому не му одговара, тогаш најпрагматично е изборот да се врши во Собранието и никогаш не ќе се знае етничкиот состав на РМ. Затоа (пред извесно време) отворањето на Уставот го идентификував со Пандорината кутијата од која не само што некои нешта ќе излезат, туку многу други нешта ќе се вгнездат – пишува професорот Цуцуловски.

Од друга страна, во врска со моменталниот условувачки став на двете албански партии за гласање за уставните измени, деканот на ФОН, Нано Ружин, смета дека тие само го користат моментот за да пласираат одредени барања, во интерес на своето реноме меѓу нивните гласачи.
– Сепак, за албанските партии претставува преголем ризик врз нив да се урне товарот на одговорноста за евентуалниот неуспех за влез на земјата во НАТО. Познато е дека албанските партии во Македонија се под големо влијание на странскиот фактор, кој ја дава поддршката за влез во НАТО. Ако поради Беса и Алијанса за Албанците не се изгласаат уставните измени, а со тоа се изгуби шансата за влез на земјата во НАТО, постои голем ризик тие да ја изгубат поддршката токму на клучниот фактор на влијание – го толкува однесувањето на албанските партии професорот Ружин.

Тој додава дека е клучно за интересот на Македонија да биде усвоена спогодбата од Мала Преспа и процесот да се пресели во Грција. Ружин смета дека ако спогодбата не биде ратификувана во грчкиот парламент, меѓународната заедница ќе пресече, а во таков случај, Македонија ќе има морална предност.
Инаку, Беса и Алијанса за Албанците, кои првично ја дадоа својата согласност за почнување со уставните измени, понатамошната поддршка на нивните четворица пратеници ја условуваат со прифаќање на нивните амандмани на амандманите. Во текот на вчерашниот ден, во 16 часот, премиерот требаше да се сретне со лидерот на Беса, Билал Касами, во рамките на консултациите со политичките партии за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени. Покрај со Касами, ќе се сретне и со Зијадин Села од Алијансата на Албанците.