Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ пишува дека Европската Унија веќе не нуди убедлива перспектива за проширување кон регионот на Балканот, што го намалува влијанието на Западот и го зајакнува влијанието на други земји.

На почетокот на анализата за слабеење на влијанието на ЕУ на Балканот и зајакнувањето на тоа на Русија, Кина и Турција, се вели дека само една недела откако ЕУ го одбила почетокот на преговорите со Албанија и Македонија поради француското вето, српската премиерка Ана Брнабиќ во Москва потпишала договор за слободна трговија меѓу Србија и руската Евроазиска економска унија, пренесува „Дојче веле“ на српски јазик.

Авторот на статијата, Фолкер Пабст, констатира дека не постои сомнеж оти ЕУ и Западот значително ја изгубиле довербата и можноста за влијание на Балканот и дека со тоа се овозможува поголемо влијание од Русија, Кина и Турција.

За Русија се вели дека е популарна кај православните христијани кои ја сметаат за чувар на конзервативните вредности и за противтежа на декадентниот Запад, додека пак Турција се поврзува со муслиманите на Балканот.

Авторот проценува дека зајакнувањето на влијанието на овие земји повлекува реални ризици за полуостровот.

 – Москва се бори против зајакнување на западното влијание во регионот, особено влијанието на НАТО. Русија притоа одлично умее да ги инструментализира историските линии на раздвојување и латентната нестабилност во регионот. Во извесна смисла, Анкара го извезува своето разбирање за владеењето на правото и сè повеќе бара помош при прогонот на противниците на турската влада. Големите проекти финансирани од Кина, а до кои често се доаѓа со помош на корупција, имаат потенцијал да го поткопаат владеењето на правото – пишува Пабст.

Сепак, како што пренесува „Дојче веле“, швајцарскиот весник не смета дека се големи шансите балканските земји да се свртат кон Москва или Анкара и истакнува дека обемот на надворешна трговија со Русија изнесува само шест проценти, додека трговијата со Европската унија е 73,5 проценти.

Швајцарскиот весник посочува и на тоа дека Москва, Анкара и Пекинг не дејствуваат заедно во однос на влијанието на Балканот, туку имаат различни интереси.