Ин мемориам: Свето Серафимов (1928 – 2021)

Во неделата, на 14 ноември 2021, на 93-годишна возраст, легендата на македонското новинарство Свето Серафимов ја стави последната точка на својата животна приказна. Роден во 1928 година, во Тетово, Свето Серафимов на страниците на „Нова Македонија“ ги креираше стандардите на македонското новинарство на средината на 20 век, и тоа сосема на нивото на тогашниот врвен светски журналистички професионализам. Капиталниот момент од неговата професионална биографија, кој ги аргументира претходните констатации, е историското интервју со кипарскиот архиепископ Макариос, во 1956 година, предводник на борбата за независност на Кипар од британскиот колонијализам. Интервјуто на Серафимов било последно, пред Макариос да биде евакуиран од Англичаните, од Кипар на Сејшелските Острови. Во текот на својата кариера, тој известувал од повеќе кризни жаришта во блиската светска историја: 1975-1976 од Бејрут, за време на граѓанската војна. Во 1960-тите известувал од Западна Африка – Гана, Гвинеја, Мали и Сенегал, потоа од Иран во времето кога Хомеини ја презел власта и кога американската амбасада била опколена со месеци; од Авганистан, кога во него влегувале воените сили на СССР… Всушност, бил известувач од кризни настани во 25 земји низ светот. Во текот на својата активна новинарска дејност пишувал во внатрешнополитичката рубрика и културната рубрика, а бил уредник на надворешнополитичката рубрика на „Нова Македонија“.
Како природно надоврзување на неговата пишувачко-известувачка професионалност и познавањето на јазиците, Свето Серафимов долги години, паралелно, речиси до крајот на животот се занимаваше со преводи. Има преведено повеќе од сто книги на македонски јазик. Преведуваше од англиски, француски и руски јазик. Негови се македонските преводи на романите: „Моби Дик“, „Улис“, „Ајванхо“, „Оркански височини“, интегралниот „Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс, „Тристам Шенди“ од Лоренс Стерн, „Љубовникот на лејди Четерли“ од Лоренс, „Американска трагедија“ од Драјзер, „Одвеано од виорот“ од Мичел. Има преведувано и стручна литература, како „Потеклото на видовите“ од Дарвин, „Историја на САД“ на Бринкли или книги од психологија…
Свето Серафимов ќе биде погребан во скопското село Орешани, денеска, на 15 ноември.