Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новиот закон за јавно обвинителство продолжува да ги бранува политичката и стручната јавност во државата. По низа несмасни пресврти со поднесување, па повлекување и поднесување нова верзија на текстот на законот во собраниска постапка, Собранието, на ноќна седница на 10 февруари, ја изгласа потребата од носење на законот по скратена постапка Но влегувањето на законот во Собранието, се чини, само ги засили меѓусебните партиски обвинувања и подметнувања, како во парламентот така и надвор од него.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција го образложи законот за ЈО, кој, според него, е најдобро решение, одобрено од сите експерти и од Европската комисија, но и обвини дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив и поранешни пратеници, врши притисок врз пратениците.

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи го коментираше полноќното гласање во Собранието за носење на законот за ЈО по скратена постапка со констатацијата: „Како криминално почнаа така и завршуваат“.
Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска, чие министерство го подготвуваше текстот на законот, изјави дека целта со носењето на овој закон била да се донесе ефикасен закон за да се направи обвинителство за гонење организиран криминал и корупција што ќе биде финансиски независно и ќе може да гони висока корупција.

– Создадени се основи за финансиски гаранции со утврдување дел од буџетот што ќе му се даде на обвинителството и посебни гаранции за обвинителството за организиран криминал и корупција. По барање од една од пратеничките групи, шеф на обвинителството на организиран криминал и корупција ќе биде избран од страна на обвинителите, а оној што ќе има најмногу гласови ќе биде избран од страна на Советот за јавни обвинители – рече Дескоска и додаде дека се покачени сите критериуми за избор на обвинители.

Таа вели дека новина во законот е тоа што се заострени критериумите за дисциплинска одговорност на обвинителите.
Контроверзното брзање за усвојувањето на законите за јавно обвинителство и за советот на јавни обвинители предизвикува реакции и во интелектуалната јавност.
– По кратка постапка ја скратија Република Македонија. Сега ја озаконуваат неправдата, како што со Устав го озаконија предавството на неотуѓивите и историските придобивки на Македонците – напиша на социјалните мрежи академик Катица Ќулавкова.

Вчера попладне, Комисијата за европски прашања ја започна расправата за законите за јавно обвинителство и за советот на јавни обвинители. За двата закона, во текот на вчерашниот ден требаше да расправа и законодавно-правната комисија. Неизвесноста за двотретинското мнозинство, односно дали има 80 пратеници што ќе го гласаат законот за ЈО во Собранието, лидерот на СДСМ ја релативизира со одговорот дека „добил збор од 80 пратеници, но дека секој ќе гласа по свое убедување“.


Распуштање на Собранието може и на 16 февруари

Во врска со датумот на распуштање на Собранието, спикерот Талат Џафери соопшти дека парламентот би можел да се распушти најдоцна до 16 февруари, што е во согласност со одговорот што на негово барање го добил од Државната изборна комисија за оптималниот рок за распуштање на парламентот, а за да се испочитуваат сите постапки и рокови за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Според ДИК, тоа треба да биде на 55 дена пред изборите.