Собранието со 81 гласа „за“ попладнево го донесе по скратена постапка Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, во рамки на денешната 80-та седница.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека денеска пред пратениците е квалитетен европски закон во кој се инкорпорирани препораките на Европската комисија и експертската група на господинот Прибе.

– Владата предложи закон што се темели на следните основи. Силна државна комисија за спречување корупција со зголемени надлежности. ДКСК со ефикасни механизми за спроведување на надлежностите. Сериозни критериоуми за избор на професионален состав на ова тело. Транспарента постапка за избор на членови со учество на медиумите и граѓанскиот сектор. ДКСК ќе врши контрола на финансирањето на политички партии, која ќе биде превентивна врз основа на годишен план, но и по поднесена пријава. Граѓаните имаат право врз основа на општ член да пратат иницијатива до ДКСК и доколку е основана комисијата по службена должност почнува постапка за контрола на финансирањето – изјави Дескоска.

Таа нагласи дека не смее да ни се повтори праксата постапките да завршуваат во фиока на ДКСК и за таа цел се донесени рокови во кои таа мора да постапува.

– Новина е обврската ДКСК да прави проценка на ризик од корупција и на годишен план за проверка на анкетни листови на функционери и финансирање на политички партии, дури и кога нема сомневања. ДКСК ќе има директен увид во банкарските сметки на носители на јавни функции и ќе има директен пристап во најмалку 64 бази на податоци за вкрстена проверка на имотната состојба. Внесена е надлежност ДКСК да испитува и евентуални сомневања за корупција при јавни набавки – изјави Дескоска.

Пратеничката од СДСМ и коалицијата, Снежана Калеска – Ванчева истакна дека од 40 предложени амандмани од ВМРО-ДПМНЕ, заеднички усогласивме 20 амандмани кои се во насока на подобрување на текстот.

– Можам да изразам задоволство од усогласениот текст, изјави Калеска – Ванчева.

Пратеничката Нола Исмајлоска – Старова рече дека не требало да има отстапка од правото на граѓаните да поднесуваат претставки и изрази надеж дека новиот секретаријат што ќе биде формиран нема да биде испартизиран.

Пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека партијата останала на ставот дека сака да има нов закон и нова антикорупциска комисија која ќе кореспондира со условите во кои функционира Македонија.

– Работејќи посветено на овој закон докажавме дека нашата борба не беше да го закочиме, туку напротив да донесеме закон што е употреблив во пракса. Прифаќањето на нашите амандмани, беа амандмани кои беа на барање и мислење од ГРЕКО и ЕК – изјави Саменковска.

Посочи дека следуваат нови реформски закони, кои се многу битни и дека ВМРО-ДПМНЕ веќе има подготвено амандмани и дека остануваат да работат конструктивно на сите реформски закони.

Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека не се согласува со одредбата ДКСК да има право за директен увид во банкарските сметки само доколку има таква претставка, бидејќи кога УЈП може да има увид во сметките на граѓаните, не гледа, како што рече, никаква разлика да нема увид и во сметките на пратениците.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Собранието и сите пратеници не си ја завршиле добро својата работа, бидејќи Македонија десет месеци беше без антикорупциска комисија и тоа, како што рече, во период кога се случи референдум.

Со новото законско решение се регулираат и двете области корупцијата и судир на интереси, меѓудругото се воведуваат промени во самата постапка за избор на претседател и членови, во статусот и нивните плати, како и во претстанокот на функцијата и разрешување на членовите, а има измени во однос на пријавување на имотната состојба и интересите и обврските кај административните, судските и јавните службеници. Се зголемуваат надлежнистите на Комисијата, при што таа сега води постапка за контрола на финансирањето на политичките партии и ја следи законитоста на финансирањето на изборни кампањи.

Владата на Република Македонија на завчерашната 115-та редовна седница донесе одлука на Собранието да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце, по што владеачкото мнозинство и опозицијата вчера постигнаа согласност и СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.