Пратениците денеска во рамки на 80. седница, што ќе почне во 16 часот ќе расправаат по Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси во скратена постапка, со европско знаменце. За дискусија се пријавени неколкумина пратеници.

Вчера беше постигната согласност меѓу владеачкото мнозинство и опозицијата околу Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. СДСМ прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката од СДСМ и коалицијата, Снежана Калеска – Ванчева истакна дека останале доследни во одбраната на европските стандарди за воспоставување ефикасни механизми за спречување и борба против корупцијата.

– Од 40 амандмани кои беа доставени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, најдовме согласност за 20 амандмани коишто се во функција на зајакнување на текстот на одредени одредби и истите заеднички ги поднесовме. СДСМ од почетокот остана доследна за зајакнување и проширена надлежност на Државната комисија за спречување на корупција, и од оваа заложба не отстапивме. Прашањата за директен увид во сметките на носителите на јавни функции, е затворено. ДКСК ќе има право до директен пристап до банкарските сметки, но и во над 60 други бази на податоци. Не се дозволи воспоставување на паралелен систем, односно орган коишто беше предлог од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, преку барањето за формирање на национален совет, рече Калеска – Ванчева.

Пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочи дека прифаќањето на амандманите е показател дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да блокира вакви битни процеси, туку дека има сериозен пристап да дејствува за подобрување на сите процеси кои се одвиваат во општеството.

– Драго ни е што владејачкото мнозинство го послуша нашиот апел и беа земени во предвид нашите амандмани се со цел да се донесе што е можно поквалитетен закон за формирање на Државна комисија за спречување на корупција и судир на интереси. Задоволни сме што владејачкото мнозинство конечно сфати дека на Република Македонија и е потребна квалитетна и пред се професионална антикорупциска комисија што ќе работи сериозно и без било какви политички влијанија, потенцира Лашкоска.

Владата на Република Македонија на завчерашната 115. редовна седница донесе одлука на Собранието на РМ да му предложи овој Предлог-закон да оди по скратена постапка и со европско знаменце со цел законот да се донесе што е можно побргу со цел зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка за поефикасна превенција и борба против корупцијата.

Со Предлог законот се врши усогласување со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, а инкорпорирани се и препораките на ГРЕКО, на експертските извештаи и на извештаите на ЕК за напредокот на земјата од 2015 и 2016 година.