Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разврската на уште една собраниска блокада, по повторното парламентарно „заложништво на процедурите“, остава длабоки лузни во портфолиото на (изнудени) законски решенија, често „дискутабилни и растегливи“ во однос на стандардите на европското законодавство. Овој пат се чини цената на (вон)парламентарниот договор треба да биде токму „релативизирањето на постапката за добивање македонско државјанство“. И понатаму е неизвесно дали во таа цена е вкалкулирана опасноста да биде компромитирана и меѓународната регулатива по ова прашање, па македонско државјанство да се добива со доказ од субјективен впечаток на тројца сведоци

Двомесечната собраниска пат-позиција, поврзана со верижно блокирање од страна на партиите за предлог-законите од петтиот економски пакет за поддршка на фирмите погодени од ковид-кризата, како и Законот за измени на Законот за државјанство од коалицијата „Алијанса за Албанците/Алтернатива“, според многумина, на највулгарен начин ја манифестира практиката на партиско-политичко дејствување во Македонија преку условувања и ултиматуми.

Пазарно-трговски калкулантства за размена
на гласови за поддршка

Речиси како самопрогласен „легитимен начин“ за надминување на ваквите т.н. уценувачки состојби во македонската политика се наметна форматот на вонинституционални лидерски средби, за кои веќе владее општа увереност дека Собранието само треба да ги потврди со гласање!? Сепак, условувањата за донесување закони како да го разголеа и привидот за придржување до некакви демократски принципи, па пред јавноста отворено се изнесуваат пазарно-трговски калкулации за размена на гласови за поддршка, но и лиферување и повлекување амандмани, како алатка за блокирање на процесот и своевидна уцена. Во последните „епизоди“, пред разврската на собранискиот заплет, прво ВМРО-ДПМНЕ ги повлече амандманите на Законот за државјанство, по што тоа го направи и Алијанса – Алтернатива за законите од петтиот пакет мерки, кои се во собраниска процедура уште од февруари. Сепак, до последниот миг остана меѓусебната недоверба, зашто парламентарното мнозинство пак не ги прифаќаше како веродостојни изјавите на опозицијата за поддршка на законите од петтиот економски пакет. Тие бараат поголема гаранција дека овие закони ќе бидат ставени на гласање.
– Работата на Собранието треба да се деблокира на секое ниво и сите политички партии треба да ја напуштат практиката на заложништво на процесот на усвојување закони, немање кворум поради оправдани здравствени причини на пратеници поврзани со пандемијата на ковид-19 или поднесување огромен број амандмани по еден закон, оптоварувајќи ја и службата на Собранието, а не само законодавниот процес. Претседателот нагласи дека практиката на условување не му оди во прилог никому. Претседателот е одговорен за почитување на Уставот и Деловникот, за зачувување на дигнитетот на Собранието. Собранието е државна институција, треба да се работи на тој начин и во работата не смее да има ултиматуми – изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, изедначувајќи го процесот на усвојување закони со заложничка драма.

Вонинституционалните практики оставаат длабоки лузни во законодавноправните процедури во државава

Разврската на уште една собраниска блокада, по повторното парламентарно „заложништво на процедурите“, остава „горчлив вкус“ во портфолиото на (изнудени) законски решенија, често дискутабилни и растегнати во однос на стандардите на европското законодавство. Овој пат се чини цената на (вон)парламентарниот договор треба да биде токму „релативизирањето на постапката за добивање македонско државјанство“. И понатаму е неизвесно дали во таа цена е вкалкулирана опасноста да биде компромитирана меѓународната регулатива за ова прашање, па македонско државјанство да се добива со доказ од субјективен впечаток на тројца сведоци.
– Сѐ поочигледната и сѐ поотворена практика на условувања и ултиматуми (па и уцени) во политичкиот амбиент на Македонија е логична последица на воспоставената коруптивна култура во речиси тридецениско политичко дејствување. Таквата култура го корумпира и целиот систем, а ако поединецот не може да влезе во него, односно ако не функционира според вредностите на тој систем – веднаш е исфрлен. Проблемот е што во корумпираниот систем не постои критериум на вредност, туку на добивка, на профит (било да е таа материјална или политичка, или двете). Кога ќе се воспостави културата на корупција, тешко се надминува. Тоа е најпогубниот принцип на владеење во една држава, кој не ја загрозува само демократијата во едно општество туку и системот на кој функционира. Во таква состојба, институциите се суспендираат, а водачите се однесуваат како само тие да можат да ги решат општествените, државите, националните проблеми. Решението го наоѓаат правејќи отстапки, но секогаш останува да виси предизвикот – по која цена – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.

Последиците од практиката на „поттурнување на проблемите под тепих“
се враќаат на голема врата

Во однос на предлогот за измени на Законот за државјанство, со кој се условуваше одблокирањето на законот за економскиот пакет мерки, професорот Ацески проценува дека тоа е, всушност, „пристигната сметка“ за Македонија што никогаш немала јасен државнички став за доселениците и регулацијата на државјанството. Професорот смета дека македонската политика мора да се соочи со решавање на таквите проблеми, но поради претходното „поттурнување под тепих“ на овој проблем и поради воспоставената коруптивна култура постои ризик при решавање на прашањето со државјанствата да се проврат многумина што не ги исполнуваат стандардните меѓународни услови за државјанство.
Според изјавите по обидот за решавање на ова прашање, премиерот Заев се повикува на Законот од 2004 година, кога повеќе од 2.500 Албанци добија државјанство преку две одредби за олеснување. Како и пред 16 години, ќе бидат поставени критериуми врз чија основа ќе се добие државјанство.
– Практиката на условувања, ултиматуми и уцени меѓу партиите во парламентарното дејствување е последица на тоа што ние немаме Собрание, туку гласачка машина. Тоа е веќе толку вообичаено, што речиси веќе никој не се обѕира на вулгарноста на таквата политичка трговија. Неприфатлив, непристоен предлог е трампата со поддршка на економскиот пакет мерки за измена на Законот за државјанство со паушални критериуми за добивање со сведоштво на тројца сведоци.

Јасно е дека предложениот закон за државјанство е условување исклучиво на национална основа, за евтини политички поени за партиите што го предлагаат, кои не им одат во прилог ниту на албанските граѓани во Македонија. Таков каков што е предложен, недозволиво е да помине тој предлог за измени на Законот за државјанство. Со него ќе ѝ се направи непоправлива штета на државата и ќе влезе во европското досие како коруптивна и недоверлива држава во која државјанство може да се добие со паушални критериуми. Наместо да нѐ приближи до Европа, таквиот закон само ќе ја засили перцепцијата за хибридниот режим во Македонија. Притоа од ЕУ веројатно нема да реагираат, да нѐ предупредат на грешката што сме подготвени да ја направиме, туку ќе нѐ остават да продуцираме докази дека не сме за таму. Во Собранието и во сите институции треба да се работи според закон, а не според договор на партиските лидери – вели професорката Солза Грчева.