Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интенцијата да се донесат во последен момент одредени законски решенија, кои досега не беа донесени, ја наметнува дилемата дали на сметка на брзината ќе страда нивниот квалитет. Експертите имаат интересни согледувања

Пред најавеното распуштање, Собранието работи под полна пареа. Закажани се десетици седници на собраниски комисии и десетици закони чекаат на гласање. Иако ситуацијата во спортски жаргон би се опишала како метеж пред гол пред распуштањето на парламентот, она што е нејасно за јавноста е всушност што остана несработено и колку брзото носење на законите ќе се одрази врз нивниот квалитет. Од она што е познато, меѓу законските решенија за кои сѐ уште нема усогласеност на партиите се Законот за одбрана, Изборниот законик со 6.000 поднесени амандмани и уште редица други законски акти од економијата, животната средина и сл. Иако вчера власта се пофали дека конечно обезбедила двотретинско мнозинство за изгласување на законот за јавно обвинителство, сепак до затворањето на весникот единствено беше закажана собраниската седница, но не беа завршени проверките на законот ниту, пак, беа завршени консултациите во пратеничките групи. Информациите од Собранието беа дека законот за јавно обвинителство би можел да биде причина за неколкудневно одложување на распуштањето на Парламентот, но не и на изборите најавени за 12 април.

За потсетување, предлог-законот за јавно обвинителство беше доставен во Собранието минатото лето, а оттогаш досега конкретно решение не беше постигнато во парламентот меѓу политичките партии. Приближно истовремено политичките партии ги кршеа копјата и за реформите на Изборниот законик, за кој беше потрошена многу енергија кај партиите. Во моментов процедурата за овој закон е заглавена со илјадници амандмани што се однесуваат на измената на изборниот модел од шест во една изборна единица. Дополнително, пред распуштањето, пратениците меѓу другото треба да гласаат и за ратификација на протоколот за членство во НАТО.
За неизвесноста со посочените законски решенија во Собранието, кои се носат набрзина на сметка на квалитетот, експертите велат дека преку вакви закони, кои парламентот треба да ги донесе за кратко време и на неколку дена пред распуштање, веќе е почнато пазарењето меѓу политичките партии пред изборите.

Според нив, воопшто нема да биде зачудувачки ако „проблематичните законски решенија“, за кои се натегаат опозицијата и власта во собраниските клупи изминатиов период, прекуноќ бидат изгласани по желба скроена од партиските лидери.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека вообичаена практика е да се предлагаат голем број закони пред распуштањето на парламентот. Според него, тоа е така бидејќи пред Собранието се насобрани закони од различни причини, некои оправдано, некои зашто досега биле блокирани. Сепак, како што објаснува тој, во овој момент треба да се постигне политички консензус поради условите што ги наметнува меѓународната заедница за наш просперитет кон ЕУ.

– Мислам дека пред крајот се пуштаат законски решенија што се неопходни. Не е прашање дали се квалитетни или не, туку тие се услов за ЕУ. Иако брзото носење несомнено негативно ќе влијае врз квалитетот на законите што се носат, сепак секогаш постојат недостатоци што има можност да се поправат во иднина. Најважно во моментов е да се создаде политички консензус и да се изгласаат законите за кои притиска меѓународната заедница – вели Арсовски.

Од друга страна, професорот Јове Кекеновски смета дека концептот на гласачка машинерија пред избори се повторува со години и сега, како и во минатото, ништо нема да биде различно, односно партиите ќе се испазарат во пет до дванаесет на сметка на добрите законски решенија.

– Многупати сме го виделе овој концепт, како таа гласачка машинерија откако ќе добие инструкции од партиските врхушки многу лесно и брзо ги изгласува законите по волјата на нивните лидери. Оттука излегуваат сите аномалии како резултат на личната желба на лидерите, а не на опсегот на законските решенија и содржината, па имаме закони што се фалични, имаат дупки и едноставно не функционираат во практиката. За жал, таква ќе биде ситуацијата и сега. Немаме идеологија, немаме програма, сѐ се сведува на партиска послушност, која на крајот граѓаните ќе ја почувствуваат на својот грб – објаснува Кекеновски. Професорот додава дека ваквото брзо носење – непроверени закони несомнено негативно ќе влијае врз квалитетот на законските решенија. Затоа, според него, тие закони честопати или се неспроведливи, или Уставниот суд ги преиспитува, или претседателот не го потпишува указот и ги враќа, но штетата на крајот е на грбот на граѓаните.

Пратениците пред ново искушение кое копче да го притиснат
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Џафери: Собранието може да се распушти и на 16 февруари

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера посочи дека поради недостиг од време за носење важни законски решенија, меѓу кои и за ЈО а во пресрет на закажаното распуштање на парламентот, можно е да има одложување на датумот за распуштање на актуелниот пратенички состав и тој, наместо утре, да се одложи за 16 февруари. Како што појасни спикерот Џафери, тој веќе ја пуштил предлог-одлука за распуштање на Собранието, но истовремено побарал од ДИК да се изјасни кога е оптималниот ден за распуштање на Собранието. Оттаму, како што истакна Џафери, му кажале дека оптималниот рок е 55 дена пред изборите, односно на 16 февруари.